Шкендија е единствениот тим од Македонија кој останува во квалификациите за фудалската Лига Европа на УЕФА. Тетовци успеаја да останат непоразени 1:1 на гостувањето во Хелсинки и благодарение на победата со 3:1 во првиот меч во Струмица се пласираа во третото коло во кое ќе играат со литванискиот Тракаи кој беше подобар од Норчепинг во реваншот со 3-1.



“Црвено-црните” одлично се снајдоа на вештачката подлога на “Сонера” стадионот иако по автолотот на Марјан Радески во 28. минута беа во опасност. Но тетовци останаа фокусирани и доследни во желбата за реализација со која ја исполнија мисијата по која отпатуваа на северот на континентот.

Трпеливоста на македонскиот вицешампион вроди плод во 71. минута кога Челиковиќ погоди за израмнување и целосно префрлување на притисокот на страна на финскиот клуб. Шкендија потоа рутински го доработи отпочнатото и заслужено си обезбеди уште најмалку два настапа на европската фудбалска сцена ова лето.

Екипата на Работнички доживеа убедлив пораз од 3:0 на гостувањето во Белорусија кај Динамо Минск, а победата за Белорусите беше повеќе од доволна по ремито од 1:1 пред една недела во Скопје. Првиот погодок го постигна Нојок во 20. минута од натпреварот кога прецизно биеше од работ на шеснаесетникот, а голманот на “Романтичарите”, Шишковски не реагираше најдобро. Галовиќ го постигна вториот гол за домаќините во 70. минута од натпреварот. Во првиот дел од второто полувреме Работнички заиграа нешто подобро, но напаѓачите во црвено пропуштија серија од шанси.

Конечниот резултат го постигна Сарока во 84. минута од натпреварот. Напаѓачот на Динамо Минск излезе сам пред Шишковски и без проблеми го матираше младиот репрезентативен чувар на мрежата на Работнички.