Заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, го посочи примерот со Македонија во контекст на членството на Украина во Алијансата.
Прашана за можноста за присоединување на Украина во Северноатлантскиот сојуз на средба со млади луѓе во црногорскиот град Будва, поранешната македонска министерка за одбрана го наведе 30-годишното чекање на Македонија како доказ дека не треба да се губи надеж.
„Приемот на Украина во НАТО е важно и многу тешко прашање. Проширувањето на пактот е многу сложен процес. Во тешки времиња не треба да ја губиме надежта“, одговори Шекеринска.
Западен Балкан останува од стратешко значење за Алијансата, порача таа.
„Не е доволно само да нема војна. Зборовите имаат значење. Регионот денес е мирен, насочен кон Европската унија, но и понатаму сме сведоци на изјави насочени кон поделба, национализам и сецесија и тоа не се само зборови. Понекогаш зборовите се поопасни од оружјето, зошто можат да доведат до насилство“, додаде заменичката на генералниот секретар Марк Руте.






