Во недела, Швајцарија ќе гласа за две иницијативи кои имаат за цел да го променат животот на пензионерите.
Според едната, се бара зголемување на пензиите, а според другата се бара зголемување на старосната граница за пензионирање.
Иницијативата, наречена „Подобар живот во пензија“, повикува на исплата на 13-та пензија секоја година, како 13-тата плата што ја добиваат многу работници во Швајцарија.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Швајцарци го поддржуваат ова, иако се чини дека бројот на поддржувачи се намалува и се уште не е сигурно дека предлогот ќе помине.
Месечните социјални бенефиции во Швајцарија може да бидат до 2.450 швајцарски франци за поединци и 3.675 франци за брачни парови. Тоа можеби изгледа многу, но во земја која е меѓу најскапите во светот не е така.
Киријата за типичен двособен стан во швајцарските градови е најмалку 3.000 франци, а кафето чини повеќе од пет франци.
Доколку Швајцарците ја одобрат промената, не би биле први во Европа.
Сличен систем со години има и соседниот Лихтенштајн, уште една скапа земја која користи швајцарски франк.
„Имаме криза на куповната моќ“, изјави шефот на швајцарската синдикална федерација (СГБ) Пјер-Ив Мајар, од кампањата „да“.
„Животниот стандард на пензионерите паѓа“, изјави тој за АФП.
Левичарските партии ја поддржуваат иницијативата, додека десничарските и центристичките партии жестоко се противат, како и швајцарската влада и парламентот.
Владата посочува дека мерката ќе чини повеќе од четири милијарди швајцарски франци годишно, предупредувајќи дека ќе бара зголемување на даноците и може да ја загрози финансиската стабилност на системот за социјално осигурување.





