Написот „Полицијата ваш пријател и акушер“ во весникот „Аргауер цајтунг“ открива крајно невообичаена задача на двајца швајцарски полицајци, кои биле во акушерска мисија во македонското семејство Тодорови во градот Волен во петокот на 5 јануари.



Приказната почнува во 7:45 часот тој ден, кога полицијата добила телефонски повик за кој не постои код во полицискиот речник: домашно породување. Често се случува да им треба полициска придружба на болничари, но вакво нешто никогаш не се случило во Волен.

Наредничката Андреа Кибурц и заповедникот Матијас Линхард тргнале со уште двајца колеги.

„Бидејќи бевме многу близу, стигнавме до зградата пред амбулантното возило. Заѕвонивме на сите станови и ги најдовме“, се сеќава Кибурц.

Чекањето на лифтот би било предолго, па полицајците трчале до шестиот кат.

„Дадовме сè од себе, не знаевме што да очекуваме“, вели Линхард.

И навистина ни на сон не би помислиле каква сцена ќе ги дочека.

„Таткото веќе седеше на креветот во темната соба со бебето во неговите раце. Сè се случило толку брзо, што тој дури не можел да стигне до прекинувачот за светло поради папочната врвца“, објаснува Кибурц, која го зела детето од него за да се увери дека дише. „За среќа, малата Лорена и нејзината мајка беа в ред. Мојот колега се грижеше за вознемирениот татко и за постарото синче. Наскоро пристигнаа и болничарите“.

Брзата помош ги однела мајката и детето во болницата во Мури, а полицијата го следела автомобилот со таткото и со синот.

Во саботата Кибурц и Линхард го посетиле македонското семејство во болницата. Сите  се добро и благодарни се за помошта.

Таткото Иван Тодоров вели дека ја донел својата сопруга Катерина во болницата во 4 часот, но по два часа биле испратени дома, бидејќи изгледало дека родилката нема да се породи скоро.

„Имавме закажано термин во 16 часот, но во 7:40 ч. почна да излегува главата од бебето, а потоа повикав Брза помош“, се присетува таткото, кому сѐ уште не му се верува што се случи, но е среќен.

„Убав почеток на годината“, изјави полицајката Кибурц. „Ваквите позитивни мисии се ретки“.

За нејзиниот колега Линхард, пак, ова е еден вид подарок за добредојде. Тој ѝ се приклучил на полициската единица од Волен пред само два месеца.