Осудени членови на Исламската држава во затворите во Македонија слободно учествуваат во дебати на теми поврзани со ИСИС и регрутираат нови членови на милитантната џихадистичка организација.
Дел од регрутираните даваат поддршка за ИСИС во Македонија а некои од нив заминуваат во Ирак и Сирија за да се борат во редовите на исламистичките сили кои сакаат да формираат „Калифат“.
Некои од осудените лица во македонските затвори преку социјалните мрежи до кои имаат пристап преку смарт телефони со интернет гледаат видеа, шеруваат слики и постови и се закануваат на критичари на ИСИС во Македонија. Во исто време тие оставени без контрола од македонските власти без проблем комуницираат со своите браќа во радикалната организација.
Сите овие работи ги забележал Косовецот Харис Фазлиу кој ги опишува своите сознанија за Балкан Инсајт.
Фазлиу се чуди како може осудените членови на ИСИС да бидат оставени во допир со социјалните мрежи кога се знае дека тие се главни алатки на милитантите за ширење на нивната идеологија и регурутирање на нови членови.
Со политиката на македонската влада која што нема соодветно обезбедување за повратниците од ИСИС а нема ниту стратегија за де – радикализација, македонските затвори стануваат ќелии на ИСИС од каде се шири пропаганден материјал, особено видеа кои што лесно се делат со други затвореници, потенцијални нови регурути на ИСИС.
Фазлиу идендитфикувал 6 профили на Фејсбук кои што најверојатно припаѓаат на осудени регурутери на ИСИС како и на донатори на организацијата.
Дел од нивните имиња се идентични на имињата на луѓето кои што македонските власти ги уапсија во операцијата „Ќелија“ во 2015 година, тврди Фазлиу.
„Алах да ми даде син и тој ќе биде ист како момчињата во видеото, за да може да убива и да сече глави во име на верата и на Алах“, се вели во еден од коментарите на луѓето осуденици во македонските затвори.
Во друг коментар истиот профил вели дека тој бил дел од ИСИС во Сирија и сакал да остане во таканаречениот Калифат.
Осуденикот постира „селфи“ фотографии од неговата ќелија а неговите пријатели му посакуваа брзо да излезе од затвор. Во коментарите Фазлиу нашол уште 5 членови на неговата група.
Според американскиот Стејтдепартмент „Во Македонија нема значителни напори од страна на владата да создаде стратегиска комуникација или контра наративи на пропагандата на ИСИС а нема ниту програми за рехабилитација и ре-интеграција на терористи во општеството.
Според Фазлиу дел од експертската заедница која што работи на ова поле се плаши да истражува или да објавува истражувања поради социјалните судири на оваа тема.
Со оглед на над 70 повратници кои што досега се вратиле од воените зони во Сирија и Ирак во земјата , македонските власти не треба да го потценуваат овој проблем вели косовскиот експерт.





