Корисник на социјалната мрежа Х поранешен Твитер потсетува на 45 милиони денари што градот Скопје требаше да ги потроши на таканаречен зелен покрив на трговскиот центар Мавровка.
Четири години подоцна од сликите на Гугл Мапс не се гледа дека проектот е спроведен.

За овој проект прес конференција одржа екс градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
,,Точно 4 години обвинителството нема отворено никаква постапка или не знаеме дека има отворено постапка каде завршија 700.000 евра за зелен кров на Мавровка кој никој не го виде.
Јанкуловска беше осудена на 6 години за мерцедес од 600.000 евра кој постои и се користи со години”, пишува Хенк Чинаски на Х.
На 27.1.2021 тогашниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов изјави дека Градот Скопје во соработка со општина Чаир и Здружението на корисниците на деловен простор во деловниот центар „Мавровка“ започнал со уредување на третиот и најголем зелен покрив во Скопје – покривот на ТЦ „Мавровка“.

Зелениот покрив се уредувал според проект од реномираниот и наградуван архитект, Бесиан Мехмети.
,,Се наоѓаме на најфреквентната раскрсница во нашиот град, каде што дневно поминуваат повеќе од 70.000 автомобили, место на кое што се наоѓа државна мерна станица и место на кое одбравме да го правиме овој зелен покрив, од две причини. Прво, да го покажеме нашиот пристап на еднаквост на Градот, а второ, да го замениме зеленилото кое во лудилото на проектот „Скопје 2014“ овде, на оваа микролокација, кај Ректоратот, беше уништено со цел да се изградат и недоизградат овие барокни згради што не се ниту дел од Универзитетскиот кампус. Искуството што го имаме со најексплоатираниот зелен покрив, зелениот покрив на Градскиот трговски центар, е навистина прекрасно. Мислењето на граѓаните и посетеноста ни даваат за право како Град и како институции да продолжиме да вложуваме во овој тип на простор, кој во иднина ќе биде јавен. Во моментов може да видиме колку е сериозно уништен. Со реализацијата на овој проект не само што ќе имаме импакт со зеленило врз најголемата раскрсница во градот, ќе влијаеме и врз самиот трговски центар. На луѓето ќе им овозможиме уште едно прекрасно катче, кое од вака руинирана површина која зрачи топлина поради бетонот ќе стане површина на која граѓаните ќе може да поминуваат пријатни моменти”, изјави пред 4 години тогашниот градоначалникот Петре Шилегов.
За реализацијата на проектот Град Скопје потпиша меморандум за соработка со Здружението на корисниците на деловен простор во „Мавровка“ и општина Чаир.
Од проектот четири години подоцна нема ништо а никој е знае што се случи со парите за проектот во вредност од 700 илјади евра.







