Четврти ноември се ближи, Македонија абер нема за комисијата со Грција

За разлика од грчките власти кои што веќе објавија дека на четврти ноември во Атина ќе започне со работа мешовитата грчко – македонска комисија за историјата односно за менување на учебниците согласно барањата на јужниот сосед, во Скопје сеуште нема информации за овој процес.



Министерството за надворешни работи за разлика од грчките колеги досега не излегло со јавна информација за процесот. Во јавноста нема информации ниту за темите кои што ќе ги опфати историската комисија ниту околу именувањето на луѓето кои што ќе треба да разговараат со грчките партнери за спорните моменти во македонските учебници кои што според Атина се „иредентистички“.

Нејасно е и дали комисијата ќе биде составена од страна на владата, собранието, МНР или министерството за образование кое што има директни надлежности за менување на учебниците.

Грчкиот министер за надворешни работи објави дека комисијата ќе има време од 4 месеци за да ги „прочешла“ сите македонски учебници по што би започнал процес на одстранување на сите грчки симболи или пораки кои што значат “иредентизам“ од македонска страна.

Покрај текстовите за историјата во учебниците Грција бара од официјална употреба да се одстранат сите мапи со Голема Македонија на кои што има прикажано и грчки територии.

Во објавата од грчкото МНР нема најава дека комисијата ќе разговара и за грчкиот иредентизам.