Со посета на базиликата „Свети Климент“, каде се наоѓа гробот на Свети Кирил и на базиликата „Санта Марија Марџоре“ денеска во Рим продолжува посетата на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, јави специјалниот известувач на МИА од Рим.
Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод големиот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.
„Од сè срце ви посакувам празникот да го поминете во добро здравје, љубов и хармонија, исполнети со радост и со среќа што имаме можност да ги ползуваме плодовите на великото дело на солунските браќа. Благодарение на нив, словенските народи добија можност да ја развиваат својата духовност, култура, образование, наука. И македонската јазична и културна самобитност, но и светогледот и космополитизмот се втемелени од нивната работа и достигнувања, и од нивното човекољубие.
Светите Кирил и Методиј покажаа дека со знаење, жед за вистината, правдољубивост, посветеност, хуманизам и благородност, можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење.
Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање.
Нека ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј“ напиша Силјановска Давкова.
Претседателката ја предводи државно-црковната делегација во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, а денеска во базиликата „Свети Климент“ традиционално како и секоја година ќе се одржи молебен на гробот на Свети Кирил. Молебенот ќе го водат митрополитот Дебарско-кичевски, Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен.
По молебенот, претседателката и делегацијата во базиликата „Санта Марија Маџоре“ ќе положат венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 Мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
За попладнево е предвидена средба на Сиљановска – Давкова со нејзиниот италијански колега, Серџо Матарела.






