„Вчера, на 2 јуни 2024 година во село Тешово, во Благоевградската област, во Пиринска Македонија, денес во Бугарија, пред споменикот на војводата Атанас Тешовски, се одржа чествување по повод 119-тата годишнина од неговото убиство. На чествувањето присуствуваа членови на ОМО ИЛИНДЕН-ПИРИН, ОМО ИЛИНДЕН и на друштвото ‘Антички Македонци“. По осврнувањето кон делото на војводата Тешовски и полагањето венци пред неговиот споменик, беа запалени свеќи во месната црква за сеќавање на сите загинати за Македонија. Свеченоста продолжи со многу песни во изведба на фолклорната група од градот Разлог во присуство на многу насобран народ.“ – објави ОМО Илинден Пирин, организацијата на Македонците во Пиринска Македонија, во Бугарија, на својот официјален фејсбук-профил.
Кој е војводата Атанас Тешовски? Атанас Шабанов-Тешовалијата (1860 – 12. 5.1905) е македонски ајдутин, револуционер и војвода на Македонската револуционерна организација. Тој бил еден од најверните соработници на „Пиринскиот цар“ Јане Сандански. Атанас Шабанов е роден во 1860 година во селото Тешово, Неврокопско, во Пиринскиот дел на Македонија.Учествувал во Македонското Кресненско востание (1878/79) и во Илинденското востание (1903). Во 1897 година излегува ајдук во Пирин и учествува во четите на војводите Дончо Златков и Кочо Муструкот. Во летото 1899 година во селото Горно Броди Атанас Тешовалијата се среќава со Гоце Делчев и под негово влијание влегува во редовите на Тајната Македонско-Одринска Организација (ТМОРО). Атанас се приклучува во првата агитационо-организациска чета во Серскиот округ на Илија Крчовалијата.
Гоце Делчев и Ѓорче Петров изработиле Правилник за четите на ТМОРО, но поради недостаток на командувачки кадар, најпрво во организациските чети биле вклучени старите ајдути и ајдутски војводи меѓу кои: Атанас Тешовалијата, Кочо Мустракот, Апостол Петков – Терзиев, Иванчо Оџаров-Карасулијата, Илија Крчовалијата, Георги Бродалијата и други. Во 1901 година Атанас Тешовалијата е назначен како војвода во Неврокопскиот реон. Во овој период тој врши организациска работа и ја проширува мрежата на Организацијата, основајќи комитети во сите села на неговиот реон.
Во текот на 1901/1902 година како неврокопски војвода Атанас Тешовалијата ги прогонува врховистичките чети. Во април 1902 година ја присоединува четата кон Јане Сандански во село Банско за заедничка борба против врховистите. Така станува еден од најверните соработници на Јане Сандански. На 7 јуни 1903 година здружените чети на војводите Атанас Тешовалијата, Димитар Кашиналијата, Георги Спанчовалијата, Христо Танушев и Стојан Филипов водат борба со турските војски кај врвот Голеш (Валовишта). За време на Илинденското востание во 1903 година Атанас Тешовалијата дејствува во својот крај. Спроти Крстовден заедно со војводата Стојан Филипов ги прекинуваат телеграфските врски меѓу селата Куманич и Долно Броди. На 26 октомври 1903 година чета на Тешовалијата, која брои 20 луѓе, била нападната од 200 војници на турската војска. Во борбата загинале 4 востаници и 20 припадници на турскиот аскер.
По Илинденското востание Тешовалијата останал во родниот крај и ја продолжил борбата против турските разбојнички банди, грчките андартски чети и разните народни предавници. На 12 мај 1905 година (според стар стил), Атанас Шабанов – Тешовалијата загинува при враќањето од обиколката на Серско, кога кај врвот Али Ботуш на Пирин Планина упаѓа во заседа на турската војска. Во огорчена борба, која траела цел ден загинале војводата Атанас заедно со повеќе негови четници.
Користен извор: „Македонска нација“





