Чепреганов: На место е изјавата на Мицкоски да се тргнат заемните прашања од ЕУ-преговорите, инаку ќе нѐ втераат Бугарите во стапицата докрај!

„Официјалната бугарска политика си дава за право отворено и најдрско да се меша во внатрешните работи на суверена држава, почнувајќи од тоа кој министер треба да биде разрешен до барање за промена на Уставот, промена на учебниците, промена на погледот, што го употребуваат македонските политичари, дословно на сѐ, што значи посебно идентитетско обележје. ‘Административната’ улога, што ја имаа во Македонија за време на Втората светска војна, сакаат да продолжат да ја применуваат и во 21 век, така што тие ќе кажуваат кој треба да влезе во македонскиот устав, кој да биде министер, кој премиер, кој претседател!“ – се нагласува во анализата со наслов „Не можат да ја скројат сопствената политика, па се дрзнаа да кројат туѓа“, објавена во весникот „Нова Македонија“



Бугарските политичари отворено се мешаат во работите на суверена држава

Покрај другото, натаму во анализата се истакнува: Последниве денови максимално се заостри реториката на релација Софија-Скопје, особено по реакцијата од македонска страна за неискажаната должна почит за време на посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија со неистакнувањето на македонското знаме при средбата со нејзиниот бугарски колега Румен Радев. Официјална Софија се правдаше дека средбата била неофицијална и оти протоколот не предвидувал знамиња при фотографирањето. На тоа реагираше македонскиот вицепремиер и министер за транспорт Александар Николоски, коментирајќи дека Бугарија се покажала како нецивилизиран домаќин.

„Некултурно, непристојно и нецивилизирано е да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата, што ја претставува. Нема оправдување за Румен Радев за тоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска-Давкова како претседател на Македонија. Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивен долгогодишен сон? Ние сме јасни кои сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ.“ – кажа Николоски.

Следуваше жестока реакција дословно од целата бугарска политичка елита, почнувајќи од претседателот Радев, од поранешниот бугарски премиер Борисов, од пратеници во бугарското Народно собрание, од лидери на политичките партии, до историчари, академици и други јавни личности. „Јазикот што го користат има само едно оправдување – извинување. Оставка на тој министер. И ако не го направат тоа, ниту претседателот, ниту премиерот, ниту министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив.“ – порача Борисов.

„По сите овие чекори, што ги преземаат бугарските политичари, сакаат да покажат дека тие ни ја кројат политиката, кој ќе биде министер, кој ќе биде премиер, настојуваат да го продолжат тоа „администрирање“. Тие се мешаат во работата на суверена држава, барајќи да биде сменет министер, кого може да го смени само внатрешна политика. Нашите функционери се избрани од народот на избори и никој од страна не може да ни кажува да ги менуваме, не може тие да се ставаат над народот, како што сакаат да направат. Тие сакаат во сѐ, па и во поглед на историјата, да се стават над нас. Бугарската страна сака да нѐ стави во нивно менгеме и да нѐ мелат како што сакаат.“ – вели Тодор Чепреганов, историчар.

Според него, бугарските политичари повторно почнуваат со целосно негирање на постоењето на македонскиот народ и дополнително ги заоструваат односите. „Со таквите негаторски изјави Бугарите уште повеќе ја заоструваат ситуацијата. Наместо да ѝ отворат врата на Македонија да влезе во ЕУ, тие ја прават работата уште полоша. Тогаш како сакаат да се градат блиски односи меѓу македонскиот и бугарскиот народ? Тоа е апсурд: негираат нешто што не постои, според нив, а нешто што не постои, не се негира!“ – истакнува Чепреганов.

Тој во целиот проблем, што го поттикнува бугарската страна, пронаоѓа скриена бугарска агенда: преку присвојување на македонската историја да се исперат од сопствените лоши епизоди во минатото. „Ним им се намести картата да можат да нѐ уценуваат. Во одреден момент во погрешно време се најдоа погрешни луѓе, кои го направија тоа што го направија. Нѐ ставија во бугарската стапица и сега ќе мора некој да бара начин како да се излезе од тоа. Со последниот развој на настаните Бугарите начекаа момент, за да искажат сѐ негативно кон Македонија. Иако посетата на претседателката беше со цел да се одмрзнат односите и да се почне со некаква нормална комуникација, тие ја искористија за провокација. Затоа е на место изјавата на премиерот, дадена во Брисел, за отстранување на заемните прашања во преговорите со ЕУ. Инаку Бугарите ќе нѐ тераат во ќоше докрај, немаат милост. Тие се свесни дека без македонската историја немаат своја историја. Тие сега се обидуваат да избегаат од Русија, која им подари држава. Сега објавија книга, во која периодот 1947-1991 година го сметаат за руска окупација врз Бугарија. Се обидуваат  да избришат еден цел период од историјата, а остатокот да го пополнат со македонската историја.“ – констатира Чепреганов.