Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков почна штрајк со глад во затворот во Шутка како реакција на неправдата што му е нанесена со изрекувањето 30-дневен притвор за настаните на 27 април, соопшти неговиот адвокат Петар Василев.
„Психички е стабилен, но како реакција на неправдата што му е нанесена со определување на мерката притвор, како и товарење за кривичното дело ‘терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста’, донел одлука да штрајкува со глад“, изјави Василев за МИА.
„Неговата здравствена состојба е нарушена, за што знаеше и Судот, на кој при распитот за определување на мерките му беше доставена детална медицинска документација“, додаде бранителот на Чавков.
Тој најави дека утре ќе побараат вонреден лекарски преглед на неговиот клиент, како и домашен притвор за Чавков, кој поради вградениот стент мора да пешачи 8-10 километри на ден.





