Професорот, филозоф, писател, есеист и теоретичар Љубомир Цуцуловски преку својот профил на „Фејсбук“ на саркастичен начин во написот насловен „Жртви, тага и сожалување“ се осврна на посетата на Скопје на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.
„Со денови македонските медиуми јавуваа за тажната и трагична судбина на Никос Коѕијас, создавајќи кај мене (можеби и кај пошироката јавност?) чувство на сожалување и вина. Како граѓански ориентиран човек, лишен од секаков национализам, Коѕијас бил под силен притисок на грчките националисти и шовинисти, онака како што и македонските власти се притиснати од македонските националисти и шовинисти, кои упорна сакаат да го заджат името. Во оваа смисла, и едните и другите се жртва на сопствениот народ. Но, во случајот со Коѕијас се отишло дури дотаму што му биле испраќани писма со куршуми, предупредувајќи го каква судбина ќе го снајде и неговото семејство. Наоѓајќи се под таков притисок, Коѕијас-жртвата (исто како и нашите) можеби ќе биде принуден да направи извесни отстапки, односно да ги засили грчките шовинистички барања. Конечно, во прашање е животот на еден човек, макар бил и министер. Во таква ситуација, природно е и македонските власти да направат уште неколку отстапки, бидејќи нечовечно е осведочениот пријател на Македонија, како и на сѐ што е македонско, да се остави на милост и немилост на тамошните шовинистички бандити и националисти. Преименувањата на аеродромот и на автопатот беа само симболичен гест во таа насока.
Сега треба да се очекуваат суштински разговори и отстапки, бидејќи на Македонецот не му доликува да биде патриот (уште и со кичма) од една страна и, од друга, мора да се има разбирање за проблемите на соседот и пријател. Според тоа, треба да се очекува безусловно излегување пресрет на Коѕијас и барањата за измена на името, Уставот, топонимите (наместо Македонски Брод, може да биде Горен Брод), кратенките, односно акронимите и сл. При слетувањето, покрај тепихот, може на стомак да се спружат неколку Македонци, кои имаат проблеми со кичмата (ишијалгија и сл), бидејќи додека политичарите ќе газат по кичмите на спружените, ќе извршат масажа, која ќе ги доведе во ред нивните кичми и поволно ќе влијае врз нивното здравје, на општо задоволство и заедничка несреќа.
АНЕКС КОН ТЕКСТОТ. АМАНДМАН (1) Според некои гласини, кои со индигнација ги отфрлам, обилното пишување на македонските медиуми за маките пред кои се нашол Коѕијас (писма, куршуми и сл.) имало за цел да ја омекне македонската душа и на тој начин, солидаризајќи се со маките на господинот, полесно да се излезе во пресрет на барањата од грчка страна, бидејќи ако не се постапи така, притисоците врз грчкиот министер уште повеќе би се оснажиле. Со нив, би се оснажиле и грчките радикални барања. Затоа, уште утре (ако може и вечерва) да се реши проблемот со името, како и со македонскиот иредентизам воопшто“, напиша Цуцуловски.





