ЦУК: Куче во шахта ги изгризало оптичките кабли па без интернет биле две здравствени установи

Денеска паднато куче во шахта ги изгризало оптичките кабли на „Македонски Телеком“ и без интернет од утрово, од околу 08.00 часот, останале дел од ПЗУ „Филип Втори“ и цела Поликлиника „Букурешт“ во Скопје, информираа од ЦУК. По пријавата на 112 специфичната невообичаена ситуација почнала да се решава, но, мајсторите не можеле безбедно да пристапат за решавање на дефектот во шахтата.
Дежурните од Секторот Е-112 и секторот СОК во ЦУК, бидејќи бил неработен ден не можеле да стапат со ЈП „Лајка“ од Скопје, па, покрај предвидените оперативни процедури, го премостиле проблемот. Тие ги поврзале активистите на Граѓанска иницијатива „Кане Корзо“ за понатамошна заедничка постапка.
Потоа, кога завршило успешно и безбедно вадењето на кучето од шахтата, работниците се симнале и безбедно почнале да работат на отстранување на дефектот.



Инаку, не се знаело колку време кучето било паднато во шахтата, тоа било безбедно извадено и згрижено од активистите.