Црногорските ракометари сè уште не можат да се помират со минималниот пораз од 29:28 против Македонија, па откако се вратија дома уште по првата фаза на Европското првенство во Хрватска веднаш посакаа реванш, и тоа во мундијалскиот бараж.
„Сите зборуваме за Македонците, кои се провлекоа против нас. Нека ни дојдат тие, да видиме дали навистина се толку добри или е точна сета оваа приказна што се повторува кога и да играат тие, бидејќи секогаш нешто се случува. И Германците имаа забелешки за судењето против нив, како и Веселин Вујовиќ. Ние немавме, но секогаш кога требаше да се прекрши натпреварот, секогаш имаше нешто на нивна страна. Поради тоа сакам да дојдат тие. Ако бидат подобри, ќе им подадеме рака“, изјави Жарко Пејовиќ, кој не играше во последниот дуел со Словенија поради полесен потрес на мозокот добиен на тренингот еден ден пред средбата.
„Натпреварот со Македонија покажа дека можеме да играме во кој состав и да сме, но оваа екипа со Вуко и без него не е иста“, додава еден од најискусните во црногорскиот состав, мислејќи на „бомбардерот“ на Вардар, Борозан, кој не закрепна навреме од сообраќајната несреќа минатиот месец.
Во црногорскиот табор сметаат дека скапо ги чинело тоа што пред првенството премногу размислувале за Македонија, а испадна дека и да ја победеа немаше да се пласираат во вториот круг поради катастрофалните порази од 32:19 против Германија и 28:19 против Словенија.
На Црногорците нема да им се исполни желбата да играат со Македонија во баражот за СП 2019 ако „црвено-жолтите“ се изборат за едно од трите места што од ова ЕП директно водат на планетарниот ракометен собир. Теоретски, таму македонските ракометари може да ги одведе и шестото место, ако меѓу освојувачите на медали сега во Хрватска се најдат соорганизаторите на мундијалот Данска и Германија и светскиот шампион Франција, кои автоматски се пласирани на СП што ќе се одржи од 9 до 27 јануари 2019 година.
Во ждрепката за мундијалскиот бараж засега е извесно дека Македонија не би се сретнала со Унгарија или со Исланд, кои ќе бидат во садот на носителите, а другиот, покрај Црна Гора и Австрија од ова ЕП, го сочинуваат и победниците на квалификациските групи Босна и Херцеговина, Литванија, Холандија, Португалија, Романија и Русија.





