Се остваруваат сите предвидувања на финансискиот експерт и екс вицегувернерка на народната банка на Македонија Маја Кадиевска Војновиќ за состојбите во македонската економија а ниту еден фактор во државата не реагира.
За катастрофалните состојби не реагираат ни министрите на СДСМ ни ДУИ ниту Народната банка предупредува Кадиевска Војновиќ во анализа за порталот pari.com.mk.
Во анализата екс гувернерката на Народната банка сумира повеќе главни поенти од лошата состојба за која не реагираат ни министерот за финансии Бесими од ДУИ ниту шефицата на УЈП Сања Лукаревска, ниту гувернерката на Народната банка на Македонија Анита Ангеловска Бежоска:
Буџетскиот дефицит алармантно расте и е над проектираниот; Досега изнесува 354 милиони евра или 65% од планот за цела 2024 година (545 милиона евра).
Со вакво темпо дефицитот би достигнал над 800 милиона евра на крајот на годината- блиску до кризната ковид година!
Долгот се зголемува со засилено темпо; Имаме НОВ долг од 340 милиони евра за само 105 дена!
Долгот достигна 8,8 милијарди евра, а оваа влада речиси го дуплираше долгот (од 4,7 милијарди евра на крајот на 2016 година).
Заради оваа влада на СДС и ДУИ секое семејство во Македонија дополнително должи по основ на долг и камати околу 10.000 евра.
Трошоците за камати на долгот на СДС и ДУИ се енормно пораснати во однос на лани. Вкупно 122 милиони евра се платени за камати од буџетот досега, а лани во истиот период 62 милиони евра.
Ова е речиси двојно зголемување и над планот за цела 2024 година (273 милиони евра).
Наплатата на даноците не иде според планот, односно наплатата на ДДВ од потрошувачка во земјата е ниска зошто нема побарувачка од населението заради скапотијата;
Се враќаат задоцнети поврати на ДДВ од претходи периоди;
Владата на СДС и ДУИ нема испланирано доволно пари во буџетот за 2024 година за раст на плати на јавната администрација и за раст на пензиите како што се фалеше по пресови.
Недостасуваат околу 100 милиони евра за да се исполни ветувањето за раст на плати од 10%, и за раст на пензии по постоечката формула.
Плус на ова, внатрешниот долг е 500 милиони евра! Само во првото тримесечје државата кумулирала неплатени обврски во износ од 82 милиона евра, од кои на приватниот сектор му должи плус 30 милиони евра или вкупно околу 200 милиони евра!
Јавните претпријатија дополнително должат 68 милиона евра, јавните здравствени установи плус 12 милиони евра, но затоа општините намалиле долг за 2,3 милиони евра во првото тримесечје.
И сега – никој, ама баш никој од власта, техничкиот премиер (впрочем каде е?), министерот за финансии, министрите од економските ресори, некој од екпертската јавност, централната банка нешто да кажеше!
Зошто има молк? Дали ова значи дека сакаат да ја скријат состојбата која е алармантна, а во која тие нѐ втурнаа? Па дали ова е европско однесување?
Маските паднаа. Хаосот настана. Изборите треба да бидат казна за досегашната недициплинирана фискална политика на СДС и ДУИ, заклучува Кадиевска Војновиќ во својата анализа.
Целата анализа на pari.com.mk






