На средбата, на која подолго време работат грчката дипломатија и дијаспора во САД, Грција ќе бара поддршка од Трамп за спорот со името.
Средбата меѓу грчкиот премиер Ципрас и американскиот претседател ќе се одржи во Вашингтон во втората половина на октомври, а допрва треба да се прецизира точниот датум кој ќе биде одреден од Вашингтон, јавија грчките медиуми.
Според грчките извори Ципрас на средбата меѓу другите теми од Трамп ќе барал „да се намали притисокот за решавање на прашањето за името на Скопје, се додека македонските власти не го напуштат иредентизмот“.
Грција во игра пред неколку дена ги врати старите ставови од времето на Самарас па за официјална Атина сега не е проблем само името и употребата, туку и јазикот, државјанството и кратенките.
Ова го потврди грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на брифинг со грчките медиуми во Њујорк каде што нагласи дека ФИРОМ мора да направи отстапки за решавање на спорот со името.
Преговорите за средба Ципрас – Трамп се водат од мај оваа година.
Од тројцата Грци во кабинетот на Трамп, еден веќе замина.
Најсилната прогрчка фигура Реинс Прибас од јули веќе не е шеф на кабинетот на Доналд Трамп во Белата Куќа поради што и покрај силното лоби на Атина во американската администрација Ципрас ќе има тешка задача да го убеди Трамп за отворена поддршка во врска со Македонија и Кипар кои треба да бидат двете главни теми на средбата.





