Населението во Македонија во 2050 година ќе се намали од сегашните 2,083 милиона на 1,991 милион или за 4,42 проценти, покажува проекцијата за популациските промени во европските држави, изработена врз основа на податоци од седум меѓународни извори, меѓу кои и американската ЦИА.
Ако е утеха, Македонија е шеста меѓу 26. земји од стариот континент што на половина од овој век ќе имаат помалку жители од сега, рангирани од тие со помала загуба кон тие со поголема. Втор утешителен факт е дека на Македонија до 2050 година ѝ се прогнозира втора најмала негативна стапка на раст на популацијата на Балканот, не сметајќи го Косово. Најмладата држава во Европа од сегашните 1,9 милиони жители ќе се зголеми на 2,223 милиони во 2050 година и со тој раст од 17 отсто е седма меѓу 15. европски држави што ќе бидат во позитива според бројноста на населението.
Од соседните држави белата чума најмногу ќе се одрази на Србија, која до 2050 година ќе изгуби една третина од сегашниот број на жители, поточно ќе падне од 8,790 милиони на 5,870 милиони, со што е четвртата најзагрозена европска земја во овој поглед. Бугарија од сегашните 7,084 милиони жители ќе падне на 5,532 милиони (-21,91 отсто), Грција од 11,159 милиони ќе се намали на 10,036 милиони (-10,06 отсто), а Албанија од 2,930 милиони ќе опадне на 2,825 милиони (-3,58 отсто).
Населението во следните 33 години најмногу ќе си го зголеми Луксембург – од 583 илјади на 865 илјади (+48,37 проценти), а најмногу ќе изгуби Молдавија – од 4,051 милион ќе падне на 2,262 милиони (-44,16 отсто).





