Централно Балканска Република – нова грчка лицитација со името

Професорот Јоанис Маѕис од Националниот универзитет Каподистрија од Атина кој предава економска географија и геополитика дава свој предлог за решение на спорот за името и преглед на можните имиња за решение на македонско – грчкиот спор.



Тој тргнува од геополитичката средина во која ќе се решава спорот и открива кои решенија се добри за Грција а кои ќе предизвикаат грчко- саксонски конфликт.

Според професорот во спорот за името е инволвирана и Турција која што во одреден развој на настаните ќе се стекне со потенцијал да ја дестаблизира Грција , конкретно Западна Тракија, дури и да предизвика посериозни проблеми.

 

Друга точка која што е важна за Грција во контекст на името според атинскиот професор е загриженоста на администрацијата на Вашингтон за Албанско – Исламскиот национализам во врска со името.

Атина треба да се плаши дека Турција би можела да интервенира во овој контекст и преку „Муслиманското братство“ кое што е финансирано од Катар а кое што може да спроведе тајни операции во Западна Тракија каде што живее значителен број на муслимани.

Според Маѕис името Горна Македонија ќе и даде на Македонија можност веднаш да создаде „македонски национален идентитет“ кој што ќе води до конфликт меѓу Атина и западните сојузници и НАТО. Според него Горна Македонија не ја спречува Македонија врз ова име да гради македонски идентитет.

Според професорот по геополитика за Грција најдобра варијанта е „Централно Балканска Република“ која што нема да ги загрози националните идентитети на Албанците и Словените во Македонија а во суштина нема национална асоцијација. Тој тврди дека за ова име има подддршка и во многу западни кругови.

Ваквото решение според професорот ќе помогне во зацврстување на културните идентитети а новата држава ќе биде географски дефинирана. Уште повеќе вакво решение постои во светски рамки во примерот на Централно Африканската Република.

Името „Горна Македонија“ отвара ново прашање и со Србија затоа што никој не може да утврди каде е точно северната точка на Горна Македонија, дали таа ја опфаќа и Прешевската Долина.

Маѕис смета дека Албанците во Македонија кои сега ја поддржуваат владата по некое време можеби ќе сакаат да го искористат спорот за името за да ги остварат своите цели меѓу кои е поврзувањето на Прешево со албанските територии.

Ова сценарио во комбинација во Турција, УЧК и исламските милитанти би можело да се развие со одредена улога на Русија што ќе биде опасно за стабилноста на регионот, смета грчкиот професор.

Затоа тврди тој сите предлози за името освен Централно Балканска Република се неразумни и носат опасност од дестабилизација на Југоисточна европа.