Цените се одмрзнаа, ќе има ли поригорозни казни за високите цени?!

Укинувањето на ДДВ за основните производи е неприфатливо за владејачката партија. Владата со поригорозни казни и празнични кошници ќе се бори против растот на цените. Во вакум просторот којшто се создаде меѓу есенската и новогодишната потрошувачка кошница којашто ја најави Владата, партиите нудат различни решенија со цел да се подобри животниот стандард на граѓаните, објави ДВ. Укинување на ДДВ за основните производи или поригорозни казни за трговците коишто енормно ќе ги зголемат цените – се двата различни концепти коишто ги нудат опозицијата и власта со цел да се олесни животот на граѓаните и да се заузда ценовниот шок.



Опозициската СДСМ до Собранието достави предлог измени за укинување на ДДВ за сите основни прехранбени производи и ги повика сите пратеници да го прифатат ваквото решение. Од ВМРО-ДПМНЕ експресно ги одбија. Нивниот аргумент е дека ваквото законско решение нема да придонесе за зголемување на квалитетот на живот на граѓаните, туку дека станува збор за дневно политички теми.

Но, од опозициската партија се децидни дека со ваквиот предлог граѓаните ќе имаат месечна заштеда од 1.200 до 2.000 денари.

  • „Во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност се предвидува укинување на ДДВ за прехранбените производи, односно од 5 отсто на нула проценти ДДВ, за сите основни производи за исхрана. Во предлогот се опфатени над 250 категории производи кои ќе бидат со нула проценти ДДВ“, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, вели дека оваа мерка на СДСМ нема да може да биде изиграна од трговците како што тоа се случи со мерките на Владата. Таа ја повика пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает и да го прифати нивното решение.

Партијата претходно поднесе и закон за зголемување на минималната плата на 450 евра, но и тоа беше одбиено од владината коалиција со образложение дека нема фискални импликации.

  • Незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ се базира на тоа што владата на СДСМ четирипати одбила такво законско решение. „Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2.000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот“, реагираше пратеникот Бојан Стојановски.