Цел на Владата на Македонија е да продолжи изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 и тој да се поврзе со Бугарија

Владата на Република Македонија на денешната седница го прими предлог-текстот на Договорот за подготовка, градење и експлоатација на прекуграничен железнички тунел, поднесен од Република Бугарија, информираат од Министерството за транспорт.

Формирана е работна група, сочинета од Александар Николоски, заменик на претседателот на Владата и министер за транспорт, Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, Гордана Димитриеска Кочоска, министер за финансии и Синиша Ивановски, директор на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, која во наредниот период ќе работи на разгледување на предлогот.

Од таму нагласуваат дека Владата е силно посветена на изградба и осовременување на европските транспортни коридори, меѓу кој е и Коридор 8. Во таа насока изградбата на Коридор 8 е стратегиски проект, на кој се посветува огромно внимание и во рамки на приоритетите се преземаат активности за негова доизградба. Целта на Владата преку Министерството за транспорт е да се продолжи изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 и истиот да се поврзе со Република Бугарија.

„За да биде функционална пругата, а коридорот 8 да има смисла и да ги исполни потребите, за што е наменет, мора да има заеднички проект за тунелот со Бугарија и изградбата да се одвива заеднички во континуитет на целото тунелско решение. Потребно е од бугарска страна да се доизгради пругата, што недостасува до граничната точка, како и да се осовремени пругата од Ѓуешево до Софија. Македонија ќе ја ревидира цената на чинење. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западниот Балкан и земјите од ЕУ е клучен чинител за понатамошна интеграција, која ќе донесе придобивки за економиите и граѓаните на регионот.“ – се наведува во соопштението на Министерството за транспорт.