Со оставката на членовите на Државна изборна комисија од власта, претседателот Александар Чичаковски и членовите Виолета Дума и Игор Милев се создаваат услови опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ, да го преземе челното место во ДИК.
Процесот на повлекување на членовите на ДИК од СДСМ, кој почна со изјавата на американскиот амбасадор Џес Бејли, треба да биде финализиран на координација меѓу најголемите партии, на која по сугестија од странските претставници во Македонија опозицијата повторно треба да раководи со ДИК.
Во последните неколку состави на ДИК додека ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше Владата постојано на чело на Комисијата беше претставник на опозицијата и затоа странците инсистираат таа традиција да продолжи, со цел зацврстување на демократските вредности и уривање на правилото „за победникот цела власт и сите функции во државата“.
Пред Чичаковски како предлог на СДСМ на челно место на ДИК во последниве три мандати беа Александар Новаковски, Никола Рилковски и Борис Кондарко, сите високи членови на сега владеачката партија на Зоран Заев.




