Цар од пред 1.000 години (ќе) ги скара Бугарите и Грците!

Грција продолжува да толерира постоење на улици наречени „Василиј бугароубиец“, пишува софиски „168Часа“. Улици со тоа име имало во многу населени места и во големите градови.



Имињата не биле сменети иако прашањето за именување улици по византискиот цар Василиј Втори било поставено при преговорите за влегување на Бугарија во ЕУ, а соседите се обврзале да ги сменат “навредливите“ имиња.

Поминаа повеќе од 10 години’,  пишува неделникот, но тоа не се случи.

Улиците што го носат името „Василиј Втори бугароубиец“ се минјатурни и не одговараат за толкав голем владетел за каков го сметаат јужните бугарски соседи.

За Грците византискиот император бил голем владетел зашто успеал да ги освои бугарските територии.

„За нас, тоа означува паѓање под византиско ропство во 1018 година“ пишува „168Часа“ и објаснува дека „Василиј Втори го добил името бугароубиец во годините по прочуената битка (на Беласица – н.з.), по која ги заробува бугарските војници и ги испраќа кај Самуил ослепени, а само еден на секој сто го остава со едно око“.

Колку тоа ѕверство може да е повод за национална гордост, е спорно прашање… Но, затоа „наследниците на Византијците по него именуваа 10 патни артерии во Северна Грција и во Солун“, пишува неделникот.

Во истиот напис, авторот потсетува дека Атина го оспорувала неодамнешното поставување на споменикот „Лав на Свети Стефан“ во Софија, на кој е врежана картата на Голема Бугарија, која ги вклучува денешна Република Македонија, како и делови од Србија, Романија, Грција и Албанија.

Споменикот на лав што со левата шепа е потпрен на штит со карта на санстефанска Бугарија беше поставен на почетокот на ноември во паркот пред Националниот дворец на културата во Софија.

По неформални канали реагираа Грција и Србија, на што бугарскиот вицепремиер за јавен ред и безбедност и министер за одбрана Красимир Каракачанов одговори дека „не можат секому да му угодат“ пренесе тогаш „Експрес.мк.

Но, според „168Часа“,  тој споменик не означувал бугарски претензии кон територијата на Грција, туку на него требало да се гледа како на историски факт.