Хроника на една независност – Пишува Роберт Димитриевски

Четврти септември 1991 година. Капетанот ми излегува пресрет и ми пишува во воената книшка два дена наградно за давање крв, иако, поради страв од игли, немав дадено. Во спротивно, ќе требаше да се „скинам“ за време на викендот, а тогаш не можеше, па ќе требаше да се чека понеделник и ќе го утнев големиот ден. Благодарејќи и на потврдата за запишан факултет не добивам продолжување на воениот рок за уште 20 дена, како некои војнички другари, и, слободен како птица, заминувам со автобус од Ниш за Скопје.



Во родниот град се чувствуваше некаква претпразнична атмосфера. Некаква позитивна енергија ги имаше обземено луѓето. Сите со нетрпение го очекуваа 8 септември.

Квечерина на осмиот ден од месецот гроздобер. Со судни маки се пробивам во првите редови пред бината на главниот градски плоштад. На неа еден куп насмеани лица, откако тогашниот претседател Киро Глигоров ќе обзнани: „Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“. Премиерот Никола Кљусев отвора шампањско.

Бура од одушевување на над стоилјадната публика, егзалтирана од резултатите на референдумот, според кои 96,46 проценти од излезените 1.079.308 гласачи, или 75,74 отсто од електоратот, се изјасниле „за“ на прашањето: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Прегратки на сите страни, солзи-радосници кај постарите, извици „Да живее Македонија!“. Радост за вечност.

Насобраниот народ чувствува дека е сведок на историски миг, на исполнување на аманетот на илинденците и на партизаните, дека го доживеал третиот Илинден по тие во 1903 и во 1944 година. Дека конечно го оживотворува своето исконско право на државност во вистинската смисла на зборот.

Точно 33 години подоцна. На патните табли на граничните премини пишува „Добредојдовте во Република Северна Македонија“. „Северни“ пасоши, лични карти, возачки дозволи, свидетелства, изводи од матичните книги на родените, венчаните, умрените, натписи на државните институции… На регистарските таблички на возилата ознака НМК…

За разлика од 8 септември 1991 година, на еден друг референдум – од 30 септември 2018 година – никој не го слушна гласот на народот. А тој, со масовниот бојкот на пропаднатото изјаснување за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ поради излезеност од само 36,91 проценти наспроти потребните 50 отсто плус еден глас, јасно стави на знаење што (не) сака.

Меѓу тие 33 години независност од сега непостоечката СФР Југославија: арамиска приватизација во 1990-тите, ембарго од Грција, „привремено“ членство во Обединетите Нации како БЈРМ, промена на државното знаме со Сонцето од Кутлеш, девалвација на денарот, увезена војна од Косово во 2001 година што некои ден-денес „нагалено“ ја викаат „конфликт“, Рамковен договор, нова територијална поделба, терористички упад во кумановско Диво Насеље, Бугарски и Преспански договор, влез во НАТО како „Северна“, двојазичност, пребројување на населението во 2021 година што може да се нарече сè освен попис…

Стојам пред спомениците на Гоце Делчев и на Даме Груев на плоштадот „Македонија“. Ги немаше зад бината пред 33 години. Одамна ги нема ни бината, ни многу од насмеаните лица на неа, кои во меѓувреме му се претставија на Бога, ни еуфоричната шестцифрена маса народ. Ја нема заразната самодоверба по остварениот идеал од дедо-прадедо за независна и суверена македонска држава.

Иако државен празник, тивко е во центарот на главниот град. Додека во умот ми се врти она „шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред“ на Крсте Мисирков. А длабоко однатре ми одѕвонува: „Мајка Македонија други ќе роди, ќе ја ослободат“. Како Господ никој не е…

Честит Денот на независноста на Република Македонија!