Хрватскиот новинар, филозоф, дипломат, преведувач, публицист, есеист и пишувач на осврти Бенјамин Толиќ во својата колумна за хрватскиот информативен портал „Хрсвијет.нет“ прави паралела меѓу македонско-грчкиот спор за името и хрватско-словенечкиот за границата.
„Да сум непристрасен Швајцарец, сè би било поинаку. Веројатно би пушел кратко луле, би пиел пиво и, не вложувајќи никаков напор, би настојувал интуитивно да ја сфатам ѓаволската логика на надворешната политика, која на соседните држави им поставува неразумни барања. Можеби малце би се зачудил, а потоа би одмавнал со раката и на грчкото оспорување на името ‘Македонија’ на некогашната југословенска Република Македонија и на словенечкото присвојување на цела Савудрија, која на продолжението на копнената словенечко-хрватска државна граница ги раздвојува хрватското и словенечкото копно“, пишува Толиќ во колумната „Меѓународноправно штипење“ пред да поентира во делот за Македонија.
„Зошто денес на Грците им пречи демократска Република Македонија? Како речиси половина столетие не им пречеше титовата Социјалистичка Република Македонија?“, се чуди тој пред да праша: „Зарем злоставувањето на соседните држави, па и двојни сојузници, е најдлабоката содржина на меѓудржавната мирољубива соработка и солидарност – тие највисоки вредности на НАТО и на Европска унија? Грците никако не ги разбирам, а Словенците целосно ми ги соголува излитеното психолошко-филозофско сознание дека и поединците и групите, и државјаните и државите, по природа се себични суштества. Самите, пак, гледаме дека себичноста на поединецот секаде се прекорува како порок, а себичноста на државата во силните држави се слави како доблест – како ‘света татковинска себичност’. Но, никој разумен не може да го замисли цивилизираниот живот на човечкиот род без ограничувања на тие себичности – на поединецот со внатрешни, а на државната со меѓународното право“.




