Од новата година во Хрватска ќе стапи на сила нов закон со кој се забранува поставување на клима уреди и сателитски антени на улични фасади на згради.
Сопственик кој врши работи на покривање и затворање балкони, лоѓи и тераси на изградени објекти или инсталира уреди за ладење, греење и обновливи извори на енергија, односно антенски системи на уличните фасади на изградени згради, ќе се казни со парична казна од 1.000 до 5.500 евра, се наведува во нацртот на новиот закон.
Правно лице чии вработени поставуваат уреди за ладење, греење, обновливи извори на енергија и антенски системи на улична фасада или вршат работи на покривање и затворање балкони, лоѓи и тераси или во згради изградени пред 1965 година, според новиот закон ќе бидат казнети со глоба од 5.500 до 10.000 евра.
Глоба од 1.000 до 5.500 евра ќе му се изрече и на одговорното лице во претпријатието кое ги врши ваквите работи.
Она што е важно е дека законот не е ретроактивен, што значи дека нема да важи за веќе поставените климатизери, антени или преуредени балкони, туку сите нови операции ќе треба да се усогласат со новите прописи.





