Зоран Заев е единствениот жив политичар од Западен Балкан споменат во мемоарите на некогашната германска канцеларка Ангела Меркел, истакнува новинарот Михаел Мартенс од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој имал увид во книгата „Слобода: Мемоари 1954 – 2021“ уште во август, а која беше промовирана денеска во над 30 земји.



„Денеска се објавени долгоочекуваните мемоари на Ангела Меркел, истовремено во +30 земји. Имав шанса да ги прочитам во август, но тогаш не можев да пишувам за тоа од правни причини. Во наредните денови ќе објавам неколку размислувања за книгата овде.

Извонредно е тоа што таа во многу детали споменува многу политичари од други земји, како што е Полска. Но, начинот на расудување на Меркел во нејзините мемоари не е да пишува негативно за политичарите кои не ѝ се допаѓаат или не им верува. Таа прилично целосно ги игнорира таквите политичари.

Поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц: не се споменува. Поранешниот грчки министер за финансии, Јанис Варуфакис: исто.

На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’. Тоа е тоа“, пишува Мартенс на Твитер.