Холандскиот Апелационен суд ја потврди пресудата дека Холандија е делумно одговорна за смртта на околу 300 муслимани, кои беа протерани од базата ОН во Сребреница пред овие области да бидат преземени од страна на војската на босанските Срби.



Ова е потврда на одлуката од 2014. година во која се смета дека холандските мировници требало да знаат дека луѓето кои побарале засолниште во базата во селото Поточари ќе бидат убиени ако тие ги принудат да ја напуштат, како што и се случи. Но казна нема да има зошто Обединетите нации уживаат имунитет од кривично гонење.

Во месноста Поточари, во јули 1995. година, во времето на војната во поранешна Југославија, српските сили извршија геноцид врз жителите на Сребреница и околните места.

“Жртвите се поделени во три категории. Оние кои биле во базата на ОН, оние кои биле сместени околу кампот и луѓето кои се упатиле кон шумата. Холандската влада беше прогласена за одговорна само за смртта на оние лица од Сребреница кои во текот на есента во 1995. година побарале засолниште во базата на ОН, но не и за другите кои биле околу кампот и тие кои бегајќи од сигурна смрт се обидувале да дојдат до шумата, што подоцна беше наречено Марш на смртта”, се вели во официјалната изјава на холандскиот апелационен суд.

Преживеаните и семејствата на жртвите сметаат дека одлуката на холандскиот суд е неприфатлива и понижувачка.