Британскиот историчар Марко Атила Хоаре, чија полемика на „Твитер“ со Грци во врска со Македонија побуди огромен интерес кај читателите на expres.mk, на својот блог уште пред осум години има напишано подолг осврт насловен „Македонија и Грција: Која е основата за помирување?“.
Во пресрет на најавената скорешна разрешница на речиси тридеценискиот спор со јужниот сосед за името на Македонија, вклучувајќи го и идентитетот на Македонците и оспорувањето на македонскиот јазик, ставовите на научникот од универзитетот Кингстон изнесени на 29 август 2009 година се повеќе од интересни.
„Грчките националисти, врз основа на нивното погрешно разбирање на античката и на средновековната историја, како и на значењето на модерната националност, веруваат дека имаат право да решат каков треба да биде ‘вистинскиот’ идентитет на северниот грчки сосед. Со оглед на тоа дека тие погрешно веруваат оти мнозинството од населението во Република Македонија потекнува од Словени што дошле во областа во Средниот век, како и со оглед на нивното еднакво погрешно уверување дека модерните Грци се создадени во непрекинат континуитет од античките Грци (во кои ги вклучуваат и античките Македонци), тие се убедени дека имаат право да прогласат дека Македонците не се ‘вистински’ Македонци, дека македонскиот идентитет е ‘измислен’ и оти тие – грчките националисти – врз основа на нивното ‘објективно’ читање на античката и на средновековната историја имаат право да им одредат на Македонците какви треба да бидат нивното вистинско име и идентитет“.
„Грчките националисти ја превртуваат реалноста наопаку. Македонија не им се заканува на Грција или на нејзиниот национален идентитет. Македонците не велат дека грчкиот јазик и нација не постојат или дека Грција треба да си го смени своето име. Тие не се обидуваат да им наметнат на Грците сопствена верзија на грчкиот идентитет. Тие дури не го негираат правото на грчките жители на Грчка Македонија да се нарекуваат себеси ‘Македонци’. Сепак, поради ‘криминалното’ отфрлање на грчко-националистичката интерпретација на историјата и поради потврдувањето на сопствениот идентитет, тие стануваат лоши момци во очите на грчките националисти. И пред да дознаете за тоа, цел НАТО и ЕУ мораат да ја обликуваат својата политика околу погрешното толкување на историјата од грчките националисти. Таков е светот во кој живееме“.
„Современите Македонци – мнозинството од населението во Република Македонија – произлегуваат од мешавина на антички Македонци, Словени и други. И модерните Грци исто така се создадени од мешавина на антички Македонци, антички Грци, Словени, Анадолијци што зборуваат турски и други“.
„Не постои таква модерна етничка група како ‘Словени’ – ‘Словени’ не постојат како етничка група во современиот свет, исто како и Англи, Саксонци, Франки, Гали, Визиготи или Викинзи. ‘Словенски’ е лингвистичка, а не етничка категорија. Македонците зборуваат словенски јазик и во таа смисла тие се ‘Словени’, како што Англичаните и Холанѓаните се ‘Германи’, а Италијанците и Французите ‘Латини’. Барањето од грчките националисти Македонците да се нарекуваат ‘Словени’ е како некој да бара Англичаните и Холанѓаните да се нарекуваат ‘Германи’ или Италијанците и Французите ‘Латини’. Само од Македонците зависи дали тие го чувствуваат својот идентитет како ‘словенски’ или не – никој друг нема право да им наметнува таков идентитет“.
„Во врска со прашањето за помирувањето, тоа со право може да се заснова само на правда, не на капитулација на послабата страна пред посилната. Единствениот компромис меѓу Грција и Македонија би можел да се направи околу следните линии:
- Македонската нација и јазик, како и грчката нација и јазик, постојат. Секој што вели дека не е така е антимакедонски и антигрчки шовинист.
- И Македонија и Грција имаат право да се нарекуваат себеси како што сакаат и да си ги дефинираат своите национални идентитети како што сакаат.
- Луѓето од Република Македонија, од грчка Македонија и од бугарска Македонија имаат еднакво право да се нарекуваат себеси ‘Македонци’ и да полагаат право на наследството од античка Македонија и од Александар Велики, ако го сакаат тоа.
- И Грците и Македонците произлегуваат од мешавина на Македонци, Словени и други. Заедничкото етничко наследство на двете нации треба да се истакне, а не да се негира од тие што бараат помирување.
- Сонцето од Вергина им е мило и на Грците, и на Македонците и им припаѓа и на двете. Две нации што сакаат исти симболи и почитуваат исти антички историски фигури природно би било да се пријатели“.





