Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет пред сојузниците на Украина во седиштето на НАТО во Брисел стави до знаење што очекува администрацијата на претседателот Доналд Трамп од мировниот договор што ќе стави крај на украинско-рускиот воен судир.



„Ние сакаме, како и вие, суверена и просперитетна Украина. Но, мораме да почнеме со признавање дека враќањето на границите на Украина од 2014 година е нереална цел. Инсистирањето на оваа илузорна цел само ќе ја продолжи војната и ќе предизвика повеќе страдања“, рече Хегсет во обраќањето на своето прво патување во странство од преземањето на функцијата.

„Да бидеме јасни, како дел од каква било безбедносна гаранција, нема да има американски војници распоредени во Украина“, додаде тој, оставајќи им ги безбедносните гаранции на сојузниците од Европа.

„Белата куќа не го гледа членството на Украина во НАТО како дел од решението на конфликтот“, е уште една јасна порака од Хегсет до претставниците на повеќе од 40 земји што го поддржуваат Киев од почетокот на војната со Русија во февруари 2022 година.

Неговите забелешки за Украина се остра промена од ставот на администрацијата на Џо Бајден и на многу од најблиските украински сојузници, кои изјавија дека ќе го поддржуваат Киев онолку долго колку што е потребно и ја истакнаа важноста на територијалниот интегритет.