Хајредини: Ниедна правосудна реформа не смее да го спречи преиспитувањето на Хашките предмети од страв дека ќе се дестабилизира Македонија!

„Ниедна најавена реформа во правосудството не смее да ги одложи, или да ги спречи итните чекори на оваа Влада за отстранување на последиците од измените на Кривичниот Законик, што го бара ЕУ, и постапувањето по барањето на Советот на Европа да се преиспитат Хашките предмети, од страв дека ќе се дестабилизира и ќе се загрози не само Македонија, туку и поширокиот регион!“ – порача политичкиот аналитичар и поранешен министер за финансии Џевдет Хајредини преку својот фејсбук-профил. Во своја претходна објава на фејсбук, од 16 август 2024 година, Хајредини имаше напишано и: „За Вреди велат дека е ‘вазал’ на некои од ‘европскиот фронт’, кои бараат ‘етнички легитимитет’ и ‘меѓународен ветинг’ и кои Груевски ги амнестираше за воените злосторства, спротивно на меѓународното право.“ Оваа објава на Хајредини беше разбрана во одделни кругови кај Албанците во Македонија како негово „скандалозно обвинување дека УЧК извршила воени злосторства“! Тогаш информативниот портал на албански јазик „Опен-тв.мк“ ја пренесе жестоката реакција на Садула Дураки, пратеникот од ДУИ, од „Европскиот фронт“, кој го нападна Хајредини дека „го оцрнува славното минато на УЧК“. Во својата објава на општествената мрежа тогаш Дураки му порача на Хајредини: „Да кажете дека УЧК извршила воени злосторства е срам за вас и за целата ваша кариера. Го оцрнувате славното минато на УЧК. УЧК како војска со својата ослободителна војна овозможи демократизирање на државата и да се одбегне мајоризирање и дискриминирање на Албанците.“

Инаку, во јануари 2024 година во писмо до македонската влада Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ побара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата, кои што беа префрлени од Хашкиот трибунал на домашните судови во Македонија. Станува збор за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.

„Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата, кои што беа префрлени од Хашкиот трибунал на домашните судови. Без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.“ – наведено е во препораките на Дуња Мијатовиќ во писмото до Владата на Република Македонија од 15-ти јануари 2024 година.

Токму Садула Дураки се наоѓа на списокот на “Хашките случаи“, поради, како што се наведува во еден од тие предмети, „извршени воени злосторства во редовите на УЧК врз цивилното население во Македонија“.Во летото 2001-та година Дураки, тогаш познат според својот „воен прекар“ и како самопрогласениот „Командант Вентили“, со уште двајца припадници на УЧК го завртел вентилот за довод на вода од Липковското Езеро, по што населените места од кумановскиот крај немале вода два месеца. Поради тоа, Дураки стана обвинет во судски предмет заведен како „Липковска брана“, кој здоби третман и на „Хашки случај“ за „извршени воени злосторства врз цивилното население“.