„Охридскиот договор не ја промени суштински уставно-правната позиција на Албанците. Тој го зацементира унитарниот концепт на оваа држава, значи како држава на Македонците, што беше главната стремеж на македонскиот политички чинител, но и на Македонската академија и Македонската црква, иако Албанците се стремеа кон концептот на ‘двонационална’, или ‘повеќенационална’ држава. УЧК на почетокот на војната во 2001 година соопшти дека ќе се води борба за ‘територија’, но потоа се демантираше со следното соопштение, истакнувајќи дека ‘Албанците војуваат заради унапредување на правата’.“ – нагласува Фејзи Хајдари, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Лајм“ во својата колумна со наслов „23 години од Охридскиот (НЕ)договор – да се смееме или да плачеме?!“.
Покрај другото, Хајдари пишува: Дали Охридскиот договор суштински ја промени уставно-правната позиција на Албанците? Охридскиот договор го зацементира унитарниот концепт на оваа држава, значи како држава на Македонците, што беше главната стремеж на македонскиот политички чинител, но и на Македонската академија и Македонската црква. Албанците, барем со јавни изјави, се стремеа кон концептот на „двонационална“ или „повеќенационална“ држава. Зачувувањето на унитарниот концепт на државата од страна на Македонците по секоја цена и сериозното и упорно неангажирање на албанските партии, особено ДУИ, да ја направат државата, односно државниот концепт, двонационална, или барем како повеќенационална, како што е Косово каде што Србите со 3 проценти имаат многу понапреден статус од Албанците во Македонија со повеќе од 30 проценти, уште повеќе ги зголемува песимизмот и разочарувањето на овдешните Албанци.
Иако првично УЧК имаше соопштено дека ќе се води борба за „територија“, следното соопштение го демантираше ова првично соопштение, па испадна дека „Албанците војуваат заради унапредување на правата“. Оние кои не се согласуваа со „војната за права“ го користеа аргументот дека „војните се водат за територии“, а не „за права“. Се што се случи потоа беше прашање на политичко пазарење меѓу политичките Македонци и политичките Албанци. Кога ДУИ се приклучи на политичката сцена започна фасадно „подобрување“ на состојбата на Албанците во контекст само на застапеност (вработување) на Албанците во државните институции. Договорот го потпишаа меѓународните чинители и главните актери на тогашната политичка сцена, Албанците и Македонците, со „гаранција“ дека ќе се спроведе во временската рамка 2002-2006 година.
Започнаа вработувања во согласност со „принципот на пропорционална застапеност“, од страна на тогашниот СДСМ, кој беше дел од владата, со согласност на ДУИ. Уследи потоа изработката на „Акцискиот план“ за спроведување на Охридскиот договор. Токму овој „План“ го оддолжи до бесконечност спроведувањето на Охридскиот договор, наместо тоа да заврши до крајот на 2006 година. Така, на некој начин во овој случај беше потпишан „Договор“ за „Охридскиот договор“. Така што и денеска албанскиот политички чинител, особено ДУИ, зборува за (не)спроведување на Охридскиот договор! Со други зборови, ДУИ и СДСМ постигнаа договор за продолжување на агонијата на Албанците, што денес предизвикува масовно незадоволство кај младите Албанци, кои во застрашувачки размери бегаат од * Македонија. Во 2020 година првите луѓе на ДУИ го прогласија Охридскиот договор како завршен, иако останаа неисполнети основните, темелни барања!
Главните македонски партии (еднаш СДСМ, еднаш ВМРО-ДПМНЕ) ја „чуваа“ по секоја цена ДУИ, бидејќи им требаше и со неа владееја 22 години во различни временски периоди, а кај Албанците се зголемуваше песимизмот. Истражувањата покажаа дека во многу институции и по 22 години од Охридскиот договор сè уште нема вработен ниеден Албанец. Во важни иинституции Албанците „само служат“, затоа што немаат никакви позиции, па следувателно немаат ниту влијание врз донесувањето одлуки. Не сакам да зборувам за законот за употреба на албанскиот јазик, за употребата на националното знаме на Албанците, кои не се ниту на рамништето на косовските Срби… Што да кажеме за разочарувачкиот факт дека оваа држава одвоила финансиски средства од државниот буџет, а таму се и парите на Албанците, да се изготват енциклопедија и училишни учебници, што се многу навредливи за Албанците, а од кои учат и учениците Албанци…
Уставниот статус на Албанците беше многу понапреден со Уставот од 1974 година, отколку со сегашниот Устав. Албанците го имаа и претседателот на Собранието за време на комунизмот, Вулнет Старова, а преземањето на оваа функција по 40-50 години ДУИ го опиша речиси како „историски чин“! За потсмев беше и „албанскиот технички премиер“! Неуспехот навремено да се спроведе Охридскиот договор предизвика расправите да се спуштат на рамништето: „Ние го имавме ова министерство, а вие го немате“! Расправите за националните права на Албанците, што се одвиваа во 90-тите години од минатиот век, деградираа во расправи за „министерства и функции, од кои нема пари“!Токму оваа РАСПРАВА НА ГЛУПОСТА И СРАМОТ покажува колку биле немоќни политичките Албанци во донесувањето одлуки, во владата. Дилемата и маката на Албанците денес е: да се смееме, или да плачеме?





