„Со Охридскиот договор од 2001 година е скршен сонот на сиот албански народ, а не легитимитетот, но никогаш не е доцна за ова. Ако прогласат Албанците територијална автономија, дали ќе нѐ водат повторно овие корумпираниве од власта, кои не ги вознемири никогаш територијалната поделба во 2005 година, кога беше прекршено територијалното достоинство на Албанците, а конкретен пример се општините Јегуновце и Брвеница (селски општини во тетовскиот регион главно населени со Македонци – заб.прев.)?! Затоа, ние, Албанците не сме државотворен народ.“ – изнесува Урим Хасипи, новинар од Тетово, во својата колумна со наслов „Со Охридскиот договор се скршени соништата на Албанците“, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.
Покрај другото, Хасипи пишува: Токму со Охридскиот договор е скршен сонот на цел еден народ, а не легитимитетот, но никогаш не е доцна за ова. Нѐ заморивте, велејќи ни дека Македонија е нашата татковина. Всушност, Македонија беше ваша татковина, на владетелите. Волјата на албанскиот народ е кршена во 2001 година и наваму, повеќе од две илјади пати, но вие, кои денес повикувате на легитимитетот, молчевте, бидејќи ви беше добро со власта. Во многу изборни циклуси имавте можност да го условите формирањето на Владата, но вие работевте повеќе од две илјади пати против волјата и легитимитетот на Албанците.
Вас не ве вознемири никогаш територијалната поделба во 2005 година, кога беше прекршено територијалното достоинство на Албанците, а конкретен пример ви се општините Јегуновце и Брвеница (селски општини во тетовскиот регион главно населени со Македонци – заб.прев.). Вие молчевте во име на меѓународните претставници и во име на фотелјите. Не се споменуваат ниту автономијата, ниту цртањата со карти, бидејќи ве успокои власта.
Дали не беше прекршен Охридскиот договор во 2009 година кога беше потпишан Мајскиот договор? Тогаш не постоеја автономијата и легитимитетот?! Не беа почитувани ниту поделбата и автономијата, ниту легитимитетот и волјата на Албанците, туку се почитуваше власта. Не се почитуваше Охридскиот договор кога албанскиот јазик не беше спроведен во многу институции. Затоа ние, Албанците, не сме државотворен народ.
Да претпоставиме дека Албанците ќе прогласат автономија, дали овие корумпираниве ќе нѐ водат повторно?!





