Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан ја искористи социјалната мрежа „Твитер“ за да најави дека идната недела ќе ја посети Македонија, упатувајќи ѝ притоа порака и на опозицијата оти очекува соработка со власта околу реформите.
„Одлична средба со вицепремиерот Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров. Убеден дека Владата ќе го искористи позитивниот моментум и оти ќе видиме понатамошни резултати од реформите до крајот на годината. Тоа бара конструктивна соработка од сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата. Со големо нетрпение ја очекувам својата посета на Скопје следната седмица, со политички средби и со размена на мислења со цивилното општество“, твитна Хан по денешната средба со Османи и со Димитров.





