Комесарот на Европска унија за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа ѝ оддаде признание на претходната македонска влада за покренувањето на процесот за градење доверба со Грција.
„Морам да признаам дека претходната влада ѝ се обрати на Грција да работат на мерките за изградба на заемна доверба. Се сеќавам дека бев во ситуација да ги соберам двајцата министри за надворешни работи. Беше првпат да седнат заедно и веќе тука некои работи се придвижија“, изјави тој за ангажманот на претходната извршна власт во Македонија во однос на јужниот сосед.
„Сега со новата влада имаме потполно нова динамика околу овие прашања. Тие успешно се отворија кон Бугарија и веќе потпишаа договор за добрососедски односи со таа држава. Во интензивни преговори се со Грција. Постои некој напредок, но, се разбира, на крајот, потребна е согласност од сите земји-членки за да ги почнат преговорите. Меѓутоа, сите ја научија лекцијата дека по девет години од препораката и без ниедна реакција од наша страна, земјата се излизга и тоа повеќе не смее да се повтори. Ние, како Европејци, многу инвестиравме за да се поправи ситуацијата, тоа го постигнавме, но сега и ние треба да го завршиме својот дел. Разбирам дека сега постојат некои политички пречки, но, како и секогаш во животот, кога постои волја постои и решение“, додаде Австриецот.
На констатацијата „значи, патот кон Брисел за Македонија треба да води преку Атина“, Хан со коментар: „Има многу начини да се оди кон Брисел и сигурен сум дека ќе пронајдеме решение и оптимист сум оти тоа ќе се случи“.





