Eкс градоначалникот на Лозово Ацо Велковски се соочува со нова кривична откако беше осуден на затворска казна од 1 година и шест месеци – бидејќи платил за 381 метар квадратен бекатон плочки, а пешачката патека била многу помала.
Пријава има и за уште двајца скопјани. Тројцата се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување со што го оштетиле буџетот за повеќе од 200 илјади денари.
Пријавени се:
– А.В. (48) од Лозово, во својство на поранешен градоначалник,
– Т.Г. (51) од Скопје, назначен како управител на градбата,
– Л.Л. (68) од Скопје, кој бил ангажиран како надзорен орган на проектот.
Во ноември 2018 година, тогашниот градоначалник донел одлука за јавна набавка за изградба на пешачка патека во Лозово. Најповолна понуда дало правно лице од село Студеничани, кое го назначило Т.Г. како управител на градбата, информираа од МВР.
Градежните работи биле завршени во март 2019 година и во градежната книга и градежниот дневник биле внесени невистинити податоци дека се ставени 381 метар квадратен бекатон плочки во вредност од 205.800 денари. На документите потпис ставиле второпријавениот и третопријавениот. Велковски иако знаел дека сумата за наплата не е вистинита, дозволил да бидат исплатени парите.
Вкупната вредност на фиктивно извршените работи изнесувала 205.800 денари, кои, иако знаел дека не се реално изработени, А.В дозволил да бидат исплатени – со што директно ја оштетил општинската каса, велат од МВР.
Ова не е прв скандал кој се поврзува со Велковски. Тој неодмна беше осуден на казна затвор во траење од година и шест месеци за „несовесно работење во службата“ и оштетување на буџетот на локалната власт. Судот на 4 март годинава одлучи покрај затворската казна, да плати повеќе од два милиони денари, како оштета на општината.
Исто така, неговото име беше спомнувано во случаи на мобинг и насилство врз вработени во општината и во основното училиште во Лозово.
Дополнително, Ацо Велковски во периодот од 17 ноември 2018 година до 20 април годинава, верувале или не, отсуствувал од работното место дури 188 дена, ова го покажуваат фрапантните податоци до кои дојдоа медиумите.
Од овие 188 дена поминати надвор од работното место дури 175 бил во Германија, каде што според информациите се наоѓа неговото семејство, па судејќи по ова сосема логично е прашањето дали Велковски е градоначалник на Лозово или на некоја германска општина?
Во споменатиот период, градоначалникот на СДСМ дури 23 пати патувал на релација Македонија- Германија (Скопје- Нирнберг), при што од работното место бил отсутен цели 175 дена, додека во останатите 13 дена отсуство Велковски бил во Србија, Романија и Охрид. При патувањата во Германија, Велковски во најмалку 6 наврати отсуствувал од работа повеќе од 10 дена.
Градоначалникот на СДСМ рекордот го има поставено во периодот август-септември минатата година, кога поради патување во Германија отсуствувал од работа цели 15 дена, додека во април овој месец, поради истата причина отсуствувал од работа 13 дена.
Овој градоначалник во јавноста стана познат откако се дозна дека неговата ќерка, при извлекувањето на наградите на наградна игра организирана од Општината беше најсреќна во Лозово и ја доби главната награда- шпорет!
Најчитани статии
Поддршка што драматично може да ги намали тензиите во Македонија
Хајредини: Албанците треба да ја поддржат одлуката на Македонците за идентитетските прашања






