„Сè уште не се случило ништо што сугерира дека новоизбраната претседателка и идната влада нема да го почитуваат Договорот од Преспа, меѓународно обврзувачки документ во кој има обврски за двете страни, кои треба целосно да се исполнат“.
Ова е оценка на поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере кој во колумна за „Призма“ вели дека инаугурацијата на новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, наиде на критики по нејзината одлука да каже „Македонија“ наместо новото уставно име на државата, кое произлезе како една од многуте обврска од Договорот од Преспа.
„Многу од овие обврски, од кои некои се исклучително чувствителни, како што е промената на Уставот и личните документи, за да се интегрира новото име на државата, веќе се спроведени од владата во заминување.
Во меѓувреме, грчката влада допрва треба да ги исполни своите обврски од Договорот, односно да ги ратификува трите протоколи, кои сѐ уште не се усвоени во грчкиот парламент.
Сепак, мора да се напомене дека во сите изјави со кои се критикува новата претседателка, не се споменуваше доцнењето на Грција во исполнувањето на сопствените обврски.
Ова е уште еден несреќен пример за двојните стандарди на Европската Унија и нејзините земји-членки, кои забораваат дека токму ветото на Франција во 2019 година го спречи официјалното отворање на пристапните преговори со ЕУ таа година, и покрај посветеноста содржана во Преспанскиот договор.
За работите да станат полоши, Бугарија во 2020 година го наметна сопственото вето на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија. Ова вето немаше врска со копенхашките критериуми, туку многу повеќе имаше врска со бугарската внатрешна политика.
Тоа што оваа бугарска позиција подоцна беше поддржана од ЕУ, не само што целосно ги прекрши правилата од политиките за проширување на Унијата, туку создаде и најлош преседан во надворешната политика на ЕУ кон нејзиното најблиско соседство,“ вели Фуере во колумната за „Призма“





