Фудбалската репрезентација на Албанија вечерва во Струмица се спаси од пораз пред се поради бравурозните одбрани на голманот Бериша но гостите имаа поддршка и од „фортуната“.
Сениорската фудбалска репрезентација одигра 1-1 против западниот сосед во осмиот меч од квалификациите за СП 2018 во Русија.
И покрај иницијативата на Македонија и многуте шанси во првиот дел први поведоа гостите со голот на Осиде Роши во 53.минута, а израмни Александар Трајковски од пенал во 78.минута.
Пред крајот Македонија имаше неколку огромни шанси за триумф, но и покрај желбата за победа мечот заврши со реми. Трагичар на мечот беше Несторовски кој промаши неколку пати, и Алиоски имаше можности за гол, а во ситуација да не доведе до победа беше и капитенот Горан Пандев.
Мечот се одигра на одличниот стадион Младост во Струмица пред околу 5 илјади гледачи а судеше Јонас Ериксон од Шведска. За нашиот тим настапија Димитриевски, Ристовски, Велковски, Муслиу, Ристевски (87’ Тричковски), Николов (58’ Трајковски), Спировски (87’ Радески), Барди, Алиоски, Пандев и Несторовски.
По вечерашните резултати во нашата група: Македонија – Албанија 1-1, Италија – Израел 1-0, Лихтенштајн – Шпанија 0-8 во водство на табелата е Шпанија со 22, следува Италија со 19 бодови а по нив се Албанија 13, Израел 9, Македонија со 7, и Лихтенштајн без ниту еден бод.





