Американскиот претседател во заминување Џо Бајден им дозволи на Украинците да го направат она што очајно го бараа со месеци – да напаѓаат цели длабоко во Русија со западни ракети со долг дострел.
Ова за Ројтерс го потврдија три извори запознаени со одлуката. Ова е значајна промена во политиката на САД во украинско-рускиот конфликт. Украина планира да ги изврши првите напади со долг дострел во наредните денови, велат изворите.
Холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп ја опиша одлуката на администрацијата на Џо Бајден дека оружјето доставено од САД за Украина може да се користи за напади во Русија како „соодветен одговор“ на распоредувањето на севернокорејските трупи на страната на Русија.
Франција, која веќе и достави на Украина ракети со долг дострел, во понеделникот навести дека дозволувањето на Киев да напаѓа воени цели во Русија сè уште може да биде опција.
„Отворено кажавме дека ова е опција што би ја разгледале доколку дозволи да се гаѓа целта од која Русија моментално ја напаѓа украинската територија. Значи, ништо ново од другата страна“, изјави Жан-Ноел Баро на новинарите пред состанокот на ЕУ. министри во Брисел, пренесува Ројтерс.
Главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, исто така, изрази надеж дека европските земји ќе и дозволат на Украина да користи оружје со долг дострел за напади врз Русија, откако САД одлучија да ги ублажат ограничувањата за американските ракети.
Борел, кој ја напушта функцијата шеф за надворешна политика на ЕУ следниот месец, рече дека долго време верува дека Украина треба да може да користи западно оружје за да гаѓа воени цели во Русија, велејќи им на новинарите:
„Многу пати сум кажал дека Украина треба да може да го користи оружјето што и е доставено не само за да ја запре стрелата, туку и да може да ги погоди стрелците“, рече Борел.
И шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок изрази одобрување за извештајот дека американскиот претседател Џо Бајден и дозволува на Украина да користи американски ракети со долг дострел против одредени цели во Русија, пишува германската агенција dpa.






