(Фото): Протестен марш во Скопје, се бара правда и одговорност за трагедиите

Граѓаните повторно излегоа на улица. Со нов протестен марш од пред Владата, преку Судскиот совет и Собранието до Кривичниот суд, граѓанската иницијатива „Кој е следен?”, побара правда за жртвите во досегашните трагедии кои се случени како последица на нефункционалноста на системот. Пред судот ги прочитаа имињата на сите жртви од трагедиите во минатото.



  • Луѓе, не сме во џакузи туку чекор пред смрт. Секој еден од нас може да е следен. Толку постепено и етапно корупцијата и неморалот имаат пуштено корени во нашето општество, што изгледа не нѝ е јасно дека прва на менито и изгледа единствена опција е жабја супа. Македонците, пак, полесно ќе го замислат крајот на светот отколку политичко движење што не е партија. Ако си гласен си партија, ако се организираш си закана, ако спомнеш жртва – ја злоупотребуваш“, велат организаторите на протестот. 

Имаат неколку барања, а првото веќе го доставија до Владата. Бараат воведување на електронски систем каде што институциите ќе ги поднесуваат записниците од инспекциски надзори на угостителските објекти, за јавноста да има увид кој работи со лиценца, а кој на „диво“ – со цел никогаш да не се дозволи да се повтори трагедијата од Кочани.

Од „Кој е следен?“ со протестите започнаа по смртта на Фросина Кулакова која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа на пешачки премин на „Партизанска“. По говорите присутните со 3 минутен молк и аплауз одадоа почит на жртвите.

Претходно, семејството на Теодора Ристовска која беше прегазена на пешачки премин во Тетово се огради од протестот. Нејзината сестра на социјалните мрежи праша зошто протестот бил организиран во Скопје, а не во Тетово и зошто нејзината мајка била одбиена да организира протест таму, но и дека било доста од иницијативи кои жртвите ги користеле како алатка за туѓи цели. Иницијативата „Кој е следен“ започна со протести откако младата Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин во Скопје, а организираше и мирни собири и протестни маршови по трагедијата во Кочани.