(Фото): Горан Герасимовски пак ѝ го исчисти и ѓубрето на Данела Арсовска

Град Скопје како да е во зимски сон, затоа други им ги бркаат работите. Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски, информира дека општинските служби денеска со механизација го исчистија сметот во населбата Крњево и улиците „Шарски одреди“ и „Бел Камен“ во Капиштец, како дел од големата акција за чистење на општината.



Една од основните одговорности на секој градоначалник е да обезбеди чистота и поголема хигиена на јавните површини како клучен фактор за квалитет на живот во општината или градот. Но, кај нас овие приоритети изгледа се ставени некаде на крајот како последни за нивна реализација. Пример за тоа се нефункционалните комунални служби на Град Скопје за одржување на чистотата во централното градско подрачје.

Најпрвин Герасимовски тргна да го отстранува сметот од улиците каде што надлежност имаат токму Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска. Се чистеше на повеќе локации во Центар – Дебар Маало, Маџир Маало, на Кале, улицата 50 Дивизија под Клиничкиот центар, понатаму улицата Рузвелтова и околу „Соборниот храм“. Се исчисти купиште ѓубре што Град Скопје како надлежна институција повеќе од две недели го нема исчистено.

  • Продолжуваме со подобрување на хигиената во Центар, утрово нашите служби го исчистија сметот во населбата Крњево и на улиците „Шарски одреди“ и „Бел Камен“ во Капиштец. Се грижиме за чисто, уредно и здраво опкружување за центарци, ги уредуваме јавните површини и ја подигнуваме хигиената на повисоко ниво. Ги повикувам сите граѓани да пријават смет и дива депонија, вработените на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ веднаш ќе постапат“, вели Герасимовски.

Оваа активност одекна позитивно во јавноста затоа што ниеден градоначалник досега хигиената ја нема ставено во прв план на работа и на комуникација, а тоа треба да биде основната задача. Акцијата трае една недела, а позитивни се коментарите и од страна на граѓаните.

Во изјави за медиумите Герасимовски постојано упатува апели до надлежните институции да се фатат за работа, но утрово граѓаните повторно се соочија со ваква неубава глетка како минатиот викенд, каде што градската администрација потфрли во чистењето на општината.

  • Утрово, повторно се соочивме со истата грда глетка од минатата недела. Контејнери преполни со ѓубре, а Град Скопје не исчисти ни викендов. Нашите општински служби веднаш го отстранија сметот што беше оставен на неколку локации во Центар. Постојано го повикуваме градското претпријатие ‘Комунална хигиена’, но одговорот е дека имаат недоволен број вработени и стара дотраена механизација, која е делумно расипана. Но, ова не е оправдување! Штом ние, со нашиот број вработени и со сегашната механизација, успеваме да го решаваме проблемот, сигурен сум дека доколку ни се дадат поголеми ингеренции, механизација и број на вработени, хигиената ќе биде на доста повисоко ниво. Центар не чека, Центар чисти!“, напиша актуелниот градоначалник на Центар, Герасимовски.

Во акцијата, која е за поздравување, активирани се 120 хигиеничари, кои работат во две смени. Нашата редакција дава голема поддршка на кампањата за чистење на општина Центар, потребно е да се грижиме за средината во која живееме, важно е да ги едуцираме граѓаните, но и младите, дека отпадот се фрла во канта за ѓубре, а службите мора поажурно да си ја извршуваат работата за која се платени.

Ова е повторна слика кога летото 2023 година на горештини, кои го надминуваа 40. степен, контејнерите беа претрупани со ѓубре. Герасимовски и тогаш прв иницира акција за чистење и миење на улиците по што се активираа и другите градоначалници, кои ѓубрето од општините го носеа директно на депонијата „Дрисла“.

Герасимовски со години е гласен во потребата за одржување јавна хигиена. Тој неколкупати досега со свои ресурси и механизација чисти и онаму каде што Општината нема ингеренции.