Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Европскиот парламент потврди дека ќе препорача отворање на преговорите со Босна и Херцеговина.



Попладне ќе се одржи седница на Европската комисија на која ќе се донесе одлука за препораката за отворање на преговорите.

За препораката, следниот вторник ќе одлучува Советот за општи работи, кој го сочинуваат министрите за надворешни или европски работи на земјите-членки, а потоа и лидерите на земјите-членки кои ќе се соберат на самитот на 21 и 22 март.

Фон дер Лајен рече дека БиХ направила „импресивни чекори“ во европската интеграција откако доби кандидатски статус во декември 2022 година.

„Постигнат е поголем напредок за нешто повеќе од една година отколку претходно за десет години.

Прво, БиХ сега е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика, што е клучно во овие времиња на геополитички превирања.

Второ, земјата усвои важни закони како што е законот за спречување судир на интереси, кој беше во застој седум години, и законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам“

Трето, БиХ го подобри управувањето со мигрантските текови и дека сега е можно да се започнат преговори со Фронтекс откако Претседателството го одобри преговарачкиот мандат, рече Фон дер Лајен..

Како четврти елемент, Министерството за правда на Босна и Херцеговина одлучи да ги вклучи пресудите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во домашната криминална евиденција.