Фон дер Лајен: Ајде да купуваме повеќе течен гас од САД

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен изјави во петокот дека еден начин да се спречи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да воведе нови царини е Европа да купува повеќе течен природен гас (LNG) од Америка, пишува Politico.



Нагласувајќи дека ЕУ сè уште купува значителни количини енергија од Русија, фон дер Лајен праша: „Зошто да не го замениме со американски ЛНГ, кој е поевтин за нас и ги намалува нашите цени на енергијата? Ова е нешто за што можеме да разговараме кога станува збор за нашиот трговски дефицит“, рече фон дер Лајен по неформалниот состанок на лидерите на блокот во Будимпешта.

Победата на Трамп се смета за сериозен предизвик за Европа, која веќе се бори со внатрешно неединство додека нејзините најсилни економии, Германија и Франција, минуваат низ политички кризи.

За време на неговата изборна кампања, Трамп вети дека ќе ги врати работните места во Соединетите држави и дека ќе воведе царини до 20 проценти на американскиот увоз.

Трамп, пред победата на 5-ти ноември, рече дека ЕУ ќе мора да „плати висока цена“ за тоа што не купува доволно американски стоки.

„Тие не ни ги купуваат (нашите) автомобили. Не ги земаат нашите земјоделски производи. Тие продаваат милиони и милиони автомобили во САД. Не, не, не, тие ќе мора да платат голема цена“, се закани Трамп.

Трамп ветува дека ќе воведе царина од 10% за увоз од сите земји и 60% за увоз од Кина.