Забрзување на економскиот раст и развој, продолжување на евроинтеграцискиот процес и борба против корупцијата, се трите клучни приоритети на кои треба да се фокусира новата влада, смета академик Таки Фити, а се ставени високо на програмата на идната Влада.
Тој денеска порача дека мора да продолжат и реформите, а треба, како што изјави, и да се отвори широк фронт на борба против сивата економија.
– Не може да одржиме висока ценовна, макроекономска и финансиска стабилност без дисциплинирана фискална политика. Новата влада мора да води сметка за тоа. Нејзиниот приоритет треба да биде, прво, да се забрза економскиот раст и развој, второ, да продолжи евроинтеграцискиот процес и трето, борба против корупцијата. Тоа се основните приоритети и се сосема добро профилирани или ставени на маса високо во агендата на програмата на идната влада.
Во однос на инфлацијата, укажа дека монетарната и фискалната политика мора да се координираат. Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу, оцени, нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата. Ние тука, рече академик Фити, имаме проблем – големи буџетски дефицити поради кризата, големи трошења, зголемување на просечната и минималната плата надвор од движењата на продуктивноста, голема увозна зависност и поголема инфлација во однос на земјите од регионот, a Буџетот , е во тешка ситуација.
-Имаме висок долг, треба да се отвори широк фронт на борба против сивата економија. Таму има огромен потенцијал да ги зголемиме буџетските приходи за да може владата полесно да управува со фискалната политика, а тоа може да ја олесни координацијата со монетарната политика, истакна академик Фити.
Се што се случува надвор, на макроекономски план, укажа, има големо значење и висока релевантност за земјава.
Македонија по 2008 година го изгуби фискалниот простор. До 2007-ма имавме учество на јавниот долг во БДП околу 23 отсто, па за пет-шест години дојдовме на 26 проценти. Денес, како резултат на двете кризи, преку 60 отсто е учеството на јавниот долг. Прашањето е дали и колку е одржлив, што треба да правиме за да стане одржлив и кои фискални правила се применуваат, напомена Фити. Негова препорака е Фискаланиот совет да контролира како се трошат буџетските средства, дали и колку се почитуваат основните буџетски правила – долгот да не биде поголем од 60 отсто, буџетските дефицити да се сведат на два до три проценти, за пет-шест години да дојдеме до нормално ниво на задолженост,…
Како што рече Фити, монетарната политика нема голема зависност.
-Врзани сме со централната банка, но тука има многу сериозни прашања. Кога се јави енергетската криза инфлацијата во светски размери се зголеми, каматните стапки пораснаа секаде, па и кај нас. Сега има големи дилеми кога ќе почнат да се намалуваат каматните стапки што е битно за бизнисот и за заживување на економијата. Американската централна банка е во големи тензии, тие имаат скоро 5,5 референтна каматна стапка, бизнисот таму очекуваше годинава да се намали за 1,5 процентен поен и да дојде до 4, но најавите се дека нема да се намали повеќе од 0,5 отсто. Европската централна банка рече дека ќе почне со намалување, но и тие се плашат да не проработи инфлацијата повторно. Ако тие почнат со намалување, нормално дека тоа нашата Централна банка ќе го следи. Од тоа што таму се случува, зависи каква ќе биде и нашата монетарна политика, објасни Фити.





