Министерот за правда Игор Филков оценува дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити за домашен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, кој подоцна избега од државата, е „погрешна и спротивна на досегашната практика“.
Филков вели дека ова прашање треба да биде приоритет, нагласувајќи дека има веќе 10 дена Судскиот совет да одлучи дали Пајазити постапил согласно законите.
„Одлуката на судијата не само што е погрешна, туку и спротивна на досегашната практика. А нашата цел е целосно спроведување на законите во државата за сите, без исклучок.
Овој предмет мора да има приоритет, а веќе 10 дена чекаме Судскиот совет да одлучи дали судијата Пајазити постапил согласно законите, што не е случај и доколку се испитаат сите докази, аргументи и факти, ќе се констатира дека не, не постапил правилно.
Ако бидеме искрени, ќе признаеме дека во одлуката на судијата Пајазити се огледа сето она што го поткопува правниот систем во државата и против кое безусловно ќе се бориме за негово менување. Поради оваа причина, потребни ни се фундаментални реформи.
Оваа акција и оваа одлука покажуваат дека мора да ги спроведеме реформските процеси за да изградиме правен систем каде ќе има еднаква правда за сите. Систем во кој ќе доминираат вистински професионалци, правни и правни начела, а не други интереси или уште полошо партиски слуги“, вели Филков во интервју за Фактор.
За најавените реформи за Судскиот совет, Филков вели дека целта е да се создаде целосно независно судско тело, кое ќе носи аргументирани и стабилни законски одлуки.
„Почнавме со тоа што независноста на ова тело се постигнува, не со предлози од Владата, од Собранието, од претседателот, туку напротив, предлозите за нови членови треба да дојдат од самите судии и обвинители, тие треба да ги избере најдобрите и најпринципиелните меѓу нив. И поради оваа причина, му дадовме време на Советот, односно со гласање или друг механизам, да ги избере своите членови. Но, од нивна страна се уште нема одговор, реакција, одлука“, вели Филков.






