„Од парламентарните избори, па сѐ до мојот избор за претседател, СДСМ беше речиси неактивна. Ова создаваше впечаток во јавноста дека партијата се откажала или не може да се консолидира од поразот. За кратко време откако ја презедов функцијата, СДСМ почна опозициски силно да дејствува, следејќи го и критикувајќи го работењето на владата“.
Ова го вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус.
Предтесдателот на социјалдемократите вели дека партијата ќе победува кога ќе го промени однесувањето кон членството, цврсто ќе ги реафирмира социјалдемократските вредности во нова модерна платформа и ќе направи реорганизација и демократизација на партијата.
„СДСМ ќе победува ако се насочи кон реалните проблеми на граѓаните во политичка програма, која ќе значи унапредување на животот во секој сегмент и за секого. По ова треба да биде препознаен СДСМ. Да нуди конкретни решенија и да ја доближи својата политичка реторика до граѓаните.
СДСМ мора да ја негува демократијата и слободата како единствена голема партија во моментов, која има целосно демократска ориентација, без да калкулира со национализмот и да води политики на манипулации на штета на напредокот. Такви партии имаме доволно.
Јас силно верувам дека СДСМ мора да им се обраќа на работниците и на ранливите групи за кои направивме навистина многу во изминатиот период.
Овој пристап комбиниран со ефикасен модел за раст на економијата и поддршка на компаниите ќе даде резултат за сите“ вели Филиче за Фокус.






