Филипче: Новото задолжување од 6 милијарди евра е „амбис“ за Македонија, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати сериозни критики дека Договорот со Велика Британија бил нетранспарентен и значел ново задолжување од 6 милијарди евра.



Тој тврди дека со новото задолжување, „секое новороденче во следните 25 години непосредно после раѓањето ќе должи 6.000 евра“. Дополнително, според анализите на СДСМ, јавниот долг ќе надминел 115% од БДП – „што е полошо и од грчката криза од пред повеќе од една деценија“, потенцираше претседателот на СДСМ Филипче.

Филипче ја обвини и министерката за финансии дека имала нејасни тврдења.

„Очигледно е дека тие договори ќе бидат нетранспарентни и во четири очи. Министерката за финансии вели дека ќе се спроведува постапка согласно Законот за јавни набавки, но со странски фирми. Ние направивме проверка – нема да важи законот за јавни набавки“, истакна тој, посочувајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ, партијата која седум години критикуваше за корупциски договори, сега самата создава простор за сериозни сомнежи.Сите гледаме што се случува, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во амбис“, порача Филипче.

Претседателот на СДСМ ја отвори и темата за можниот политички дел од договорот – миграцијата.

„Сериозни медиуми од Велика Британија известуваат дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, ќе станат центри за прифаќање бегалци непожелни во Велика Британија. А премиерот – молчи, нема став“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Денеска премиерот Мицкоски уште еднаш повтори дека не постои таков договор за мигранти, а тоа претходно го потврди и британскиот амбасадор.