Филипче: Нема да коалицираме со ДУИ на локалните избори

СДСМ нема да коалицира со ДУИ на локалните избори. Партискиот претседател Венко Филипче изјави дека ставаат силен акцент на коалицискиот капацитет, разговараат со голем број партнери од политичките партии и независни кандидати, но само врз принципиелна основа. Ова се базира на искуството од преговорите пред локалните избори во 2021 година.



„Ние научивме една многу сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ. Многу работи ни се удрија од глава и тоа морам да бидам искрен и да го признаеме. Дистанцата е нешто што природно дојде, како барање на членството, но и како чувство и емоција кон коалиција која не беше принципиелна“, рече Филипче во интервју за РСЕ.

Што се однесува до кандидатите, Филипче вели дека имаат систем со кој ќе ги идентификуваат најдобрите кандидати да ги претставуваат на изборите. Тие првин ќе бидат предложени од членството, а рејтингот ќе им биде проверен со анкети. Очекува процесот да заврши до крајот на март, а веќе од април избраните кандидати да си ја преземат работата на терен во општините каде што живеат.