Нема решение за името, смета бугарски политички аналитичар

Нема да има скоро решение на спорот за името, смета бугарскиот новинар и политички аналитичар Костадин Филипов.



„Еден пријател еднаш ми кажа: ‘Со Грците никогаш не си на чисто, со нив никогаш не е решено сè додека не биде решено’. Вистина било“, пишува Филипов во колумна за бугарскиот весник „Труд“.

Филипов смета дека, и покрај волјата на грчката и на македонската влада и честите средби меѓу двете страни, масовните протести се јасен сигнал дека решение нема да има. Грција инсистира на идентитетски промени, додека, според последната изјава на министерот Димитров, ако се чепне идентитетот – решението ќе падне.

„На Грците им пречи и членот 49 од македонскиот Устав, во кој Македонија се обврзува да се грижи за своето малцинство во соседните земји, што значи и во Грција. Ова соседната земја нема да го дозволи да остане вака запишано. Затоа, решение на спорот можеби ќе има, но не во скоро време“, нагласува Филипов, кој десетина години беше дописник на бугарската национална новинска агенција БТА од Скопје.