Почнува грејната сезона, но не за сите

Утре почнува грејната сезона, но радијаторите нема да се згреат кај сите. ЕСМ со снабдување со топлина со апел до потрошувачите да ги отстранат дефектите.



  • Во моментов има 170 затворени објекти, од кои 27 објекти имаат прекин на довод на електрична енергија во топлинската станица, во 43 објекти, екипите на операторот на дистрибутивниот систем немаат пристап до топлинската станица и 100 објекти се оневозможени да добијат испорака на топлина од системот за централно греење поради дефект во внатрешната инсталација“, велат од ЕСМ.

Основните и средните училишта прават калкулации околу обезбедување енергенси за радијаторите да бидат топли во пресрет на зимата. Градоначалникот на Центар, за МТВ вели дека сите школи обезбедиле нафта и очекува се да биде како што треба.

За осумте училишта во Карпош, грејната сезона ќе почне подоцна, затоа што како што вели градоначалниот, Владата им должи над 8 милиони денари за парно. Јакимовски ги повика да се платат долговите.

„На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15 октомври туку од 1 ноември за сите основни општински училишта на територија на општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, а тоа се:
– ООУ „Братство“
– ООУ „Јан Амос Коменски“
– ООУ „Димо Хаџи Димов“
– ООУ „Владо Тасевски“
– ООУ „Војдан Чернодрински“
– ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“
– ООУ „Лазо Трповски“
– ООУ „Петар Поп Арсов“
, велат од ЕСМ.

Градоначалникот на Карпош, пак, вели дека осумте училишта имаат долг за парно од над 8 милиони денари – пари за кои рече дека треба да ги покрие Владата.

  • Јас се обратив до министерството за образование, тие ми рекоа дека немаат денар пари, како знам да се снаоѓам. Е сега, мене не ми е јасно, како имаа пари за „Мајка Тереза“ 36 милиони евра, а да си ги платат основните трошоци за да функционираат училиштата, за тоа нема пари. Да не се секира никој, греењето ќе си започне тогаш кога треба. Гледате времето какво е. Одиме на кошула, на кратки ракави, така што ќе си почне кога треба, а Владата на Република Македонија да си обезбеди пари за тоа што е должна да си обезбеди“ – рече Стевчо Јакимовски, градоначалникот на Карпош.

Портпаролката на Владата кажа дека ќе се направат проверки дали и за колкави долгови станува збор.

  • Она што го зборувавме е дека навистина претпријатијата се оставени големи долгови. Дозволете да провериме, согласно наводите кои се изнесени за тоа каква е ситуацијата, колкави се долговите и да ја информираме јавноста по однос на истото“ – рече Марија Митева, Портпаролката на Владата.

И од Општина Ѓорче Петров кажаа дека училиштата и градинките на нивна територија се подготвени и се било според планот. И од Општина Чаир кажаа дека не ризикуваат да останат без греење и покрај заостанатите долгови кон Топлификација. Од девет училишта, пет користат централно греење, додека останатите се на нафта.