Ако го деблокира евроинтеграцискиот процес со надминување на спорот за името со Грција годинава, Македонија ќе има силен адут во пристапувањето кон Европска унија во однос на другите кандидати од регионот како единствена без гранични спорови со соседите.
Во стратегијата на Европска комисија насловена „Веродостојна перспектива на проширувањето за Западен Балкан“, чие усвојување и објавување е најавено за февруари, важен дел ќе биде решавањето на граничните спорови на сите кандидати пред влезот во Унијата.
Во патоказот што предвидува членство на Црна Гора и на Србија во ЕУ до 2025 година се наведува дека пред заклучувањето на пристапните преговори мора да бидат решени сите гранични спорови, бидејќи „ЕУ не може, ниту сака да увезува такви проблеми“, открива хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
„Во случаите каде што граничните спорови нема да бидат решени страните мораат да ги предадат безусловно, на обврзувачки начин, на конечната арбитража или на Меѓународниот суд на правдата, пред заклучувањето на пристапните преговори и во целост да ги почитуваат пресудите“, пишува во документот.
Поучена од искуството со граничните спорови меѓу нејзините сегашни членки Словенија и Хрватска, кои кулминираа со обидот на Словенците да ја применат одлуката на арбитражата за Пирански залив, ЕУ има намера како незаобиколен услов за придружување да ги наметне „чистите“ граници на кандидатите.
Во моментов Хрватска има отворени гранични прашања со Србија, со Босна и Херцеговина и со Црна Гора. Србија и Црна Гора мораат да го решат тој проблем со Хрватска до 2023 година ако сакаат две години подоцна да влезат во ЕУ.
Црна Гора има таков проблем и со Косово, кое ја оспорува границата со неа од времето на поранешна Југославија.
Единствено Македонија нема никакви гранични спорови, откако во 2009 година го затвори и прашањето со демаркацијата на границата со Косово, долга 179 километри. Граничната линија со Србија се протега на 102 км, со Бугарија е долга 173 км, со Грција 256 км и со Албанија 186 км.





